Skip to main content

Библиотеката „Григор Прличев“ се сели во новите простории

Наредниов месец дел од библиотеката „Григор Прличев“ се сели во новите простории. Направени се сите подготовки за преселба, останува уште да се постават уредите за ладење и греење кои се неопходни за одржување на книжниот фонд. Но, треба да се реши и проблемот за физичко поврзување на двете згради.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Библиотеката „Григор Прличев“ наредниов месец треба веќе конечно да се прошири во новите простории. Направени се сите подготовки за преселба, останува уште да се постават уредите за ладење и греење кои се неопходни за одржување на книжниот фонд. Од библиотеката велат дека министерството за Култура треба да им обезбеди средства за тоа, но постои уште еден проблем кој треба да се надмине.

Мора да признаеме дека имаме една физичка бариера бидејќи двете згради на библиотеката во моментов не се поврзани и имаат два различни влезови. Најверојатно ќе се направи еден заеднички влез преку галеријата во Центарот за култура Григор Прличев, но сеуште сме во преговори за ова решение, вели Милчо Јованоски, преставник на библиотеката Григор Прличев.

Јованоски објаснува дека библиотеката располага со богат книжен фонд, а има и дела кои се единствени и заштитени. Затоа условиоте под кои ќе се изложат мора да се соодветни. Првично беше замислено во просторот каде се наоѓаше „Охридско лето“ да биде сместено детското одделение со читална за деца, а еден мал простор да биде прилагоден како игротека за деца. Во делот пак каде и сега се наоѓа библиотеката да биде сместено одделението за возрасни читатели и администрацијата. Библиотеката да е од отворен тип па читателите да можат да ги разгледуваат книгите и самите да си одберат што ќе читаат. Но, ваквиот план може да претрпи и измени се со цел просторот да биде пофункционален.

За жал морам да признам дека и со новиот простор нема да добиеме библиотека по светските стандарди. Ќе треба уште многу да се инвестира, а ни треба уште поголем простор за таква библиотека. Но сепак ќе биде многу подобро од што е сега и читателите ќе можат да бидат задоволни, вели Јованоски.

Инаку идејата за проширување на библиотеката „Григор Прличев“ започна уште во 2013 кога се донесе и одлука од тогашната Влада со која просториите каде функционираше НУ фестивал„Охридско лето“ и беа доделени на библиотеката на трајно користење без надомест.