Skip to main content

Библиотеките од Охрид и Струмица потпишаа меморандум за соработка

Двете институции се надеваат дека оваа соработка ќе резултира со заеднички иницијативи, аплицирање за фондови, унапредување на културниот живот.
 |  инфодеск  | 

Во НУ Библиотека „Григор Прличев“ директорката Христина Трпеска и нејзината колешка, директорката на Градската библиотека „Благој Јанков Мучето“ од Струмица, Васка Кирова, потпишаа меморандум за соработка.

Со меморандумот се уредуваат начелата и намерите за соработка меѓу двете библиотеки во областа на промовирањето на културата, развојот на уметноста, младинските активности, издаваштвото и сродните области.

Целта е двете библиотеки и нивните вработени да разменуваат искуства и да имаат заеднички активности за промоција на културата и уметноста во земјава и надвор од неа.

Двете библиотеки ќе ги поддржуваат новите автори, читањето и креативното пишување.

Меморандумот опфаќа и заедничка организација на настани, трибини, работилници и изложби, со вклучување лица од различни категории, со цел нивна постепена инклузија.

Предвидени се и активности за промоција на културното наследство и зачувување на нематеријалното културно богатство.

Двете институции се надеваат дека оваа соработка ќе резултира со заеднички иницијативи, аплицирање за фондови, унапредување на културниот живот и зголемено учество на граѓаните, особено младите, во културните и општествените процеси.