За некого задоволство за некого проблем
Бината која е поставена на плоштадот Крушевска република еден дел од чаршијата го направи слепо црево. Од Локалната пак велат дека бината е поставена токму таму заради афирмација на тој простор и придавање на културно значење на овој дел од градот.
Бината која од пред една недела е поставена на плоштадот Крушевска република, им направи проблем на дел од дуќанџиите. Тие велат дека со ваквото решение на Локалната самоуправа делот од чаршијата кој се протега од ресторанот Стар чинар па до некогашната експозитура на Охридска банка, стана слепо црево. Во петокот на бината имало настап на културно уметничко друштво при што голем број граѓани кои го следеле истиот го блокирале приодот кон дуќаните. Дуќанџиите велат дека можат само да претпостават каква ќе биде ситуацијата во шпцот на сезоната.
Бината покрај на дуќанџиите им попречи и на пожарникарите. Во петокот навечер пламнала пицеријата Американо која се наоѓа наспроти радио Охрид. Пожарникарското возило не можело да помине преку плоштадот бидејќи со бината е направена бариера па морале да свртат и да пристапат од улицата Гоце Делчев. За среќе навреме стигнале за пожарит да не завземе поголеми размери.
Од Локалната велат дека бината е поставена на плоштадот Крушевска република заради афирмација на тој простор и придавање на културно значење на овој дел, кој сметаат дека бил запоставен во изминатиот период.
Просторот кај Чинарот е адекватен за оддржување на музичко-сценски настани, а сите субјекти кои имаат потреба од поставување на монтажна сцена, треба во законска процедура и на утврдена локација да добијат дозвола од стручните служби при општина Охрид. Исто така, тие се обврзани, после завршувањето на настанот кој го пријавиле, да извршат демонтирање на сцената и местото да го вратат во првобитна состојба, додаваат од Локалната.
На ова сопствениците на дуќаните велат дека бината навистина е демонтирана после петочниот настан, но останата е металната конструкција која не е ништо помала пречка на овој не така голем простор.
Инаку, оваа бина минатите години беше поставена на плоштадот Св. Климент Охридски. Но и тогаш имаше голем број забелешки дека не и е таму местото. Се жалеа сопствениците на околните кафулиња дека на нивните гости им го затварала видикот, а и дека се создавал непотребен метеж од случајните минувачи кои застанувале за да ги следат културните настани кои се одвиваа на таа бина. Решението таа да се дислоцира и да се постави на малиот плоштад беше донесено на последната седница на градскиот совет кога се изгласа годишната програма за поставување урбана опрема. Граѓаните велат дека не се против тоа да има културни настани за широката народна маса кои ќе се бесплатни, но потенцираат дека треба да се најде соодветно мести за тоа. Еден од предлозите беше просторот кај некогашното коно бавча, но засега нема реализација на овој проект.
{loadposition content9}