Skip to main content

Да научиме да ја чуваме и сакаме природата е мисијата на „Биодиверзитет за сите“

Воведување на предмет еколошка едукација во образованието е повеќе од потребно, сметаат од невладината Биодиверзитет за сите. На тој начин ќе имаме едуцирани млади генерации кои ќе водат повеќе грижа за природата.
 |  инфодеск  | 

Засилено да се работи на еколошка едукација особено кај младите. Ова е мисијата на невладината организација, Биодиверзитет за сите.  Се организираат еколошки акции  особено во близина на крајбрежјето. Во фокусот се децата и младите. Покрај чистење на мапираните локации се организираат и работилници за еколошка едукација во училиштата и во природа.  Децата  од најмали нозе се учат да ја чуваат и сакаат природата.

-Веќе одреден период, неколку месеци активно спроведуваме еколошка едукација, пред се опфатени се помалата возрастна група, дечињата од градинка, па се до 11 години. Сметам дека тоа е најбитна возрасна категорија која треба уште од најмали да се едуцираат за сето оно што не опкружува, за природните вредности и пред се да знаат зашто е значајна еколошката едукација. За жал околу нас се соочуваме со многу лоша слика секојдневно во природата, сето на што ни се случува, не само отпадот со кој сме опкружени, туку и изградбата на нелегални објекти, хидроцентралите, депонии и останато, сето тоа е резултат на недоволна еколошка свест, вели Ангела Тасеска еколошки едукатор.

Еколошката едукација опфаќа всадување на љубовта кон живиот и растителниот свет во природата.

-Мислам дека секој од нас треба да биде свесен за последиците, не само по здравјето, значи врз целокупниот  биодиверзитет, сето тоа ќе се согледува допрва и секој од нас треба да превземе чекор да се сменат работите.. Свеста ни е премногу мала, затоа, јас како што напоменав, сето ова е резултат на недоволна еколошка едукација од најмала возраст. Активно продолжуваме со организирање на работилници за деца во природа. Сметам дека играта, престојот на децата додека растат, треба да биде во природа. Не само поради тоа што природата има големи придобивки по здравјето, во развојот на децата, туку едноставно, децата најдобро учат преку игра во природа, им се буде љубопитноста, креативноста. На моите работилници, децата буквално се поврзуваат со природата, истражуваат, учиме да не се плашат од ништо кое што мрда во природата,  додава Тасеска.

Екологијата не е само нефрлање отпад, тоа е една посебна наука и треба да се посвети големо внимание на еколошката едукација, да биде засебен предмет во формалното образование.