Skip to main content

Бизнис интерес на англичани за Вевчани

Бизнис интерес на англичани за Вевчани.

 |  Валентина Неловска  | 

Англичаните полека, но сигурно  ги  откриваат убавините на Вевчани. Богатата туристичка понуда, гостопримството и  шармот на минатиот век кој Македонија и Вевчани го имаат задржано, ја прави  привлечна  земја како туристичка дестинација за англичаните. Група гости од оваа земја беа гости и на Вевчанскиот карневал, а  градоначалникот Цветомир Угриноски откри и дел од нивните намери кои се добредојдени за развој на оваа општина.
 
„ Се заинтересирани за инвестирање во општина Вевчани во туризмот. Сакаат да ја испитаат и водата за фабрика за вода. Имав со нив разговор, “кажува Угриноски.

Заинтересираноста на англичаните за Вевчани станува се поголема по престојот во летните месеци минатата година на група новинари од престижниот британски весник, „Daily Telegraph“. Некои од британски новинари за прв пат се сретнаа  со убавините на овој регион. Претходно  никогаш не ни помислиле дека Македонија би била интересно место за одмор на нивните сонародници, изјави пред  извесно време Ендријан Бриџ уредник  на „Daily Telegraph“.

„Мислам дека многу англичани би биле пријатно изненадени. Да бидам искрен не многу англичани знаат за Македонија како туристичка дестинација, секогаш ги гледаат туристичките карти, бараат море и одат во тие региони, но мислам дека навистина пријатно ќе се изненадат кога ќе видат каква голема туристичка понуда има тука, пејзажи, езера, храна, Вевчани, што е еден прекрасен регион, така да мислам дека за британците би било интересно, а и цените се одлични“ кажа  при тоа Бриџ.


Можеби ваквите посети се она што е потребно за на туристите  да им ја откријат  чуваната туристичка тајна наречена Македонија.  Во туризмот посетителите, меѓу кои и англичаните, се повеќе бараат мирни и тивки места кои не се бучни и го имаат  шармот на минатиот век, а Вевчани ги има тие адути.  Вевчани брои околу 3000 жители , а во него работат повеќе хотели со врвни сместувачки капацитети и  ресторани како: „Вила Алула“, пансион „Кутмичевица“, „Пупинова куќа“,  „Домаќинска куќа“ и други. Вевчани има прекрасна околина , а и ги има  и надалеку познатите Вевчански извори .