Бочварски: Автопатот ќе биде завршен во предвиден рок
Автопатот Охрид-Кичево ќе биде завршен до крајот на годинава, изјави Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски при посетата на Охрид. Се очекува да бидат испочитувани зададениот рок и цената на чинење за изградба на автопатот, доколку во наредниот период градежните работи продолжат со засилено темпо, посочи Бочварски.
„Ова е нешто што го правиме перманентно последните месеци. Очекувам со засилено темпо да продолжат градежните работи оваа година, секако со подобрувањето на временските услови да се оствари поголем напредок и автопатот по секции како што ќе биде завршен да биде отворен за сообраќај.“- Благој Бочварски.
Според последниот извештај на надзорниот орган, на трасата работат повеќе од 900 работници од неколку градежни оперативи,при што се очекува дополнително бројот на ангажирани работници да се зголеми. Министерот информира декасе води тековна координација со сите субјекти и институции инволвирани во проектот за уредување и решавање на сите постапки за експропријација за да може да се забрзаат градежните активности на сите позиции на автопатот.
„На вчерашната владина седница имавме точка којашто значи воведување во владение на ЈП за Државни патишта на одредени површини и парцели каде што ќе може веднаш градежната оператива да влезе и да продолжи со работа на тие позиции, важно е дека имаме тековна координација со сите засегнати институции. Согласно законот за експропријација кој го имаме можеме на одредени парцели после изготвување на решение од страна на Агенцијата за имотно правни односи, на управата за имотно правни односи, со одлука на Влада да ја воведеме оперативата на тие површини со цел да ја забрзаме градбата на тие позиции за да не се оддолговлекува.“- Благој Бочварски.
Од отпочнување на изградбата на автопатот во 2014 година, кој требаше да биде завршен во 2018 година, според образложението на надлежните институции, поради пропусти во проектирањето во неколку наврати беа продолжени роковите, а и зголемена цената на чинење која стигна до 598 мил евра. Во моментов имаме таква договорена цена и не можам да прејудицирам дали истата ќе биде пониска или повисока, кажа Бочварски.