Бочварски: Градежните работи на автопатот на влезот на Охрид ќе завршат до 10-ти јули
Градежните работи на Автопатот Охрид Кичево, на потегот од Подмоље до Охрид, ќе продолжат, и ќе завршат пред почетокот на шпицот на турстичката сезона, изјави денес Министерот за транспорт и Врски Благој Бочварски, а рокот е 10 јули. Тој потенцираше дека главната и клучна поддршка треба да дојде од градоначалникот за реализација на овој проект, кој е клучен и најважен за развојот на Охрид.
„Градежните работи ќе бидат завршени до 10 јули. Тоа е нешто кое со сигурност ќе биде направено. Ние правиме притисок и пред 10ти да се приспособи оваа страна од автопатот и повторно да се пушти за сообраќај. Потоа ќе следуваат постапките за времениот режим, за да го приспособиме да функционира како автопат, и во текот на ова лето ќе биде пуштен комплетно како автопатско решение.“ – изјави Бочварски.
Се прави притисок врз изведувачите да се запазат роковите за изведба, додека за споредниот пат или стариот пат Охрид – Струга, Министерот Бочварски напомена дека е во добра кондиција. Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми истакна дека се прават напори да има поголема динамика на градежните активности, а во процедура е набавката на еластична ограда, која ќе значи изведба на овој дел од патот во планираниот рок.
„Ние сме во контакт и со изведувачот и со подизведувачот и со изведувачите на надзорот и вршиме големи напори да ја обезбедиме и еластичната ограда, и да ја монтираме до 10 јули. Ние даваме се од себе да ги надминеме тие проблеми, па со подобрување на временските прилики ќе направиме посета на трасата да видите со какви непредвидени проблеми се соочуваме на терен, и кои напрои ги правиме изградбата да заврши на 31.12.2023 година.“ – изјави Рустеми.
Изградбата на автопатот започна во 2014 година. Првичниот рок беше автопатот да биде завршен до 2018 година, но по промената на власта, според образложението на надлежните институции, поради пропусти во проектирањето, со анекс на Договорот рокот беше продолжен до 30 јуни 2021. И тој рок беше продолжен до крајот на оваа година, исто така со анекс на Договорот.