Skip to main content

Здравство

Борба против хипертензијата

Мерете го вашиот крвен притисок редовно, контролираjте го, живејте подолго, е мотото под кое се одбележа Светскиот ден на хипертензијата.
 |  Голабовски Крсте  | 
Преглед

Охриѓани и туристите денес на градскиот плоштад имаа можност да го порверат својот крвен притисок и да направат бесплатен ЕКГ и здравствен преглед. Станува збор за активност која Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања од Охрид, Специјализираната болница за нефрологија Струга, Здружението за мозочен удар од Охрид и Црвен крст Охрид, во соработка со Крка фарма Скопје ја спроведе во чест на одбележување на Светскиот ден на хипертензијата. Повозрасните пациенти задовлни од здравствената состојба, велат дека за нив превентивните прегледи се многу важни.

Но, превентивните прегледи се важни и за помладите. Загрижува фактот што се намалува старосната граница кај пациентите каде е забележана хипертензија, па токму поради тоа, се истакнува важноста од превентивните прегледи за детекција на виоскиот крвен притисок и раниот почеток со терапевтски третман, посочи Елена Коваческа Башуроска – директор на ЈЗУ Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“ – Охрид.

„Има намалување на старосната граница кај пациентите кои доаѓаат со и поради хипертензија.„Она што секојдневно го бележиме е дека има се повеќе помлади пациенти со хипертензија.„Важноста на превентивните прегледи, важноста на матичните лекари и оние систематски прегледи е клучна во откривањето на пациентите со хипертензија, и раниот старт со терапија, со цел да се намалат последиците од хипертензијата“, – вели Елена Коваческа Башуроска – директор на ЈЗУ Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“ – Охрид.

Дури и во земјите со најразвиени здравствени системи третманот е субоптимален, кај нас состојбата е уште полоша. Покачениот крвен притисок доведува до оштетување на низа органи и органски системи срце и крвни садови, мозочен удар, бубрези и е виновник за огромен број смртни случаи, кои може да се превенираат. Затоа, потребно е подигање на свеста за потребата од редовно контролирање и третман на оваа болест.

„Во зависност од возраста, меѓутоа, по препораките кај млади пациенти од 20-30 години еднаш на 5 години, пожелно е да се мери притисок доколку немаат никакви симптоми. Доколку имаат семејна анамнеза на покачен крвен притисок, би било пожелно почесто, еднаш годишно, еднаш на две години.“, – обасјнува Танески Филип – кардиолог.

Општествено одговорните компании имаат значаен придонес и важна улога во подигнувањето на јавната свест кај населението, особено кога станува збор за здравјето. Марија Мојсоска Апостолова од „Крка Фарм“, кои денес беа дел од организацијата на овој настан, истакна дека сите како заедница мора да дадеме мал придонес во зачувување на она што е највредно, а тоа е нашето здравје.

„И оваа година заедно со сите институции кои ги опфаќа хипертензијата како ризик заболувања, се вклучивме во оваа активност. Верувам дека со се почестото правење на вакви настани ќе се допринесе да се подигне свесноста кај граѓаните да одат на редовни контроли и да се грижат за своето здравје“, – посочи Марија Мојосока Апостолова „Крка Фарм“.

Лошата исхрана, нерегулираната телесна тежина, пушењето, намалената физичка активност, се само дел од причинителите за оваа здравствена состојба, која здравствените работници ја нарекуваат и тивок убиец, која може да донесе до сериозни заболувања на најразлични органи во човековото тело.