Борците се присетија на НОВ
Сојузот на борци од општините Охрид и Дебрца од денес започна со прославување на 71 година од народноослободителната војна.
Утре се навршуваат 71 година од почетокот на НОВ на Македонија против фашистичкиот окупатор. Токму затоа 11 Октомври е датум со огромно значење за секој македонец. Но за оние кои со свои раце ја извојуваа денешната слобода, овој датум има едно посебно значење.
Сојузот на борци и продолжувачи на делото од општините Охрид и Дебрца, денес имаа свечена средба и предавање за делото на генерал Михајло Апостолски, командант на генералштабот на НОВ. Втората светска војна останува запаметена по тажни статистики и фрапантни бројки. Еден ваков податок добивме и од еден од директните учесници во НОВ, борецот Крсте Крстаноски.
„Јас сум учесник во војната уште од самиот почеток, од првиот ден на мојата 16та година. Според тоа, од животот мој како курир на Првата македонска народноослободителната ударна бригада, од првиот ден, до крајот на војната, до Зидани мост, поминав над 10.000 километри по деноноќни борби, по невреме, бос, гладен како и многу други.“-вели учесникот во НОВ, Крсте Крстаноски.
„Има настани за кои и ноќе кога спијам се сеќавам и сам себеси се прашувам како е тоа возможно да се направи.“-вели Крстаноски. Тој ни спомена уште еден податок кој вели дека помеѓу 35 и 40 % од борците во составот на партизаните биле млади луѓе од 16 до 20 години.
„Како тие луѓе го издржуваа тој напор, таа атмосфера, мраз, студ, глад, опасности, стравови и искрено да ви кажам јас сум се наоѓал во ситуации и опколен, и заробен и неколку пати рануван, па последната рана што ми беше и најтешка, во Хрватска, ранет бев и им избегав од опкружување.“-рече Крстаноски.
Tие денови се далеку зад нив. Слободата е тешко извојувана и тешко платена. Сега ни останува само вечната благодарност и можноста секоја наредна година, на 11ти Октомври да оддаваме почит на оние кои го положиле својот живот за оваа кауза. Почит кон своите соборци утре ќе оддадат и од Сојузот на борци од општините Охрид и Дебрца со положување на свежо цвеќе пред спомен обележјата на борците од НОВ.
{loadposition content9}