Skip to main content

Бранови со висина од 2 метри поплавија летни тераси на кафулињата на првата езерска линија

Силниот ветар кој утрово го зафати Охрид ги исплаши граѓаните. Ветрот кој дуваше со голема брзина  на моменти и над 80км/ч предизвика кршење на прозори, откорна делови од кровови, се запалија и 4 оџаци. Во разни делови од градот беа регистрирани повеќе паднати  стебла. На крајбрежјето кафулињата и летните тераси  беа под вода од силните езерски бранови кои достигнуваа висина и до 2 метри.  

 |  Валентина Неловска  | 

Претпладнево во Охрид под налет на циклонот Хектор која ја зафати југоисточна Европа, летаа кровови, се искршија прозори, паднаа дрвја. Лимен кров падна на улицата Никола Карев во близина на маркетот Тинекс и за среќа нема повредени. Паднати дрвја има во дворот на охридската болница, во населбата Христо Узунов, на патот Пештани – Св. Наум, кај Еврохотел Струга. Брановите кои удираа со висина од 2 метри ги поплавија летните тераси на кафулињата на првата езерска линија. Силниот ветар ги вознемири охриѓани.

Противпожарната единица од изутринава до 13 часот имаше интервенции на 4 објекти. Пожарникарите изгаснаа 3 опожарени оџаци во градот и еден во Пештани. За среќа нема материјална штета, а како што информираат пожарникарите запалените оџаци се резултат на неисчистените грејни тела под влијание на ветерот и високиот атмосферски притисок.
Во нашата редакција граѓани јавуваа за различни ситуации настанати под налетот на ветрот и големите бранови. Во Центарот за управување со кризи до пладне немало повици од охриѓани, но биле регистрирани дојави од жители на Пештани.

„На дежурниот број 195 има дојави на граѓани од село Пештани за продор на вода во повеќе подруми, продавници до патот. Има дојава за паднато дрво во Полициската станица од кое настанало краткотрајно прекин на елктроснбдување“, инфoромира Митко Темелкоски од ЦУК.
Дежурниот синоптичар Костадинка Арсовска од Управата за хидрометеролошки работи, информира дека ветерот во охридско струшкиот регион достигнувал брзина и над 80 км на час.

 

„Македонија е под влијание на засилено јужно струење. Најавите се ветерот да надминува и над 90 км на час. Особено во Повардарието и југозападните делови вклучувајќи го охридско-преспанскиот регион. На тој ветар беа измерени удари над 20 метри во секунда што би значело 80 км на час ветер. Тоа е на мерно место и не значи дека во подрачјето ударите не биле и посилни. Во секој случај ветровитото време ќе се задржи цел ден од јужен правец“, информира Арсовска.

Од УХМР најавуваат дека утре ќе дува засилен ветер од западен правец, проследен со пороен дожд и грмотевици. Попладне се очекува стабилизирање на временските услови, намалување на интензитетот на ветерот и врнежите како и на облачноста.