Skip to main content

Комунални дејности

Бродарите бараат затворање на пристаништето ноќе

Бродарите бараат затворање на градското пристаниште во вечерните часови. Од Локалната размислуваат како ќе одлучат по ова барање.
 |  Голабовски Крсте  | 
бродови

Бурни реакциии кај градските советници на денешното издание на седницата на Советот на Општина Охрид предизвика точката за давање согласност на одлуката за дополнување и изменување на одлуката за утврдување на цените за користење на спортски објекти и паркинг простори со кои стопанисува ЈП „Билјанини Извори“, а се однесува и на градското пристаниште. Во врска со барањето на бродарите за затварање на градското пристаниште во вечерните часови, Живка Анегелеска, советник и координатор на советничката група на СДСМ, предупреди да се внимава на законската регулатива, бидејќи пристаништето не е приватна сопственост.

„Се кажа од ЈП дека поради поголема безбедност на тие пловни објекти таму, пристаништето ќе биде затворено во текот на ноќните часови за пешаци. Со оглед на тоа што станува збор за добро од јавен интерес, а ние сите имаме право на слободно движење, јас барам уште еднаш да ја испитате законската регулатива во однос на овој дел, дали како јавно претпријатие имате право да го ограничите движењето на граѓаните, со оглед на тоа што не е приватна сопственост“- предупреди Живка Анегелеска, советник и координатор на советничка група на СДСМ.

Теодор Андоноски, в.д. директор на ЈП „Билјанини Извори“ објасни дека државата ја префрлила грижата за пристаништето на Општина Охрид, која во одреден момент, го задолжила претпријатието да врши наплата исклучиво за усидрување на пловните објекти. Поради пандемијата, наплатата не се вршела во тој период, бидејќи бродарите живеат од туризмот. Начелно, сопствениците на едрилиците се согласни, а се одржале состаноци со бродарите кои имале одредени барања.

„Ние не кажавме некаде дека ќе го затвориме пристаништето и готово. Да, размислуваме, меѓутоа тоа е барање на бродарите. Ние дали ќе имаме можност тоа го оствариме ќе утврдиме дополнително“, – објасни Теодор Андоноски – в.д. директор во ЈП „Билјанини извори“.

Од јавното претпријатие велат дека ќе се подобрат условите за сопствениците на пловните објекти. Сепак, претпријатието, не е финансиски моќно да спроведува големи зафати, како копање на езерското дно на тој потег, зафат за кој вели Андоноски потребни се десетици илјади евра. Андонски потенцира дека од ЈП не одговараат за настаната штета на пловните објекти при сидрење и пловидба.

„Затоа претходно имавме измена на одлуката од на совет, каде стриктно се наведува дека ние исклучиво вршиме наплата за копнениот дел. Делот којшто е по катастарска парцела Охридско Езеро, ние не одговараме, немаме надлежност таму“ кажа Теодор Андоноски – в.д. директор во ЈП „Билјанини извори“.

Според новиот ценовник, сопствениците на едрилици треба да плаќаат 24.000 денари, а бродарите од 1000-5000 евра за користење на пристаништето.