Бројот на сиромашни во пораст
Околу 600 социјално ранливи семејства од Охрид и Дебрца добиваат помош од Црвениот крст Охрид. Дел во храна, средства за хигиена, лекови, прегледи, оперативни зафати. Економската криза и бранот на големи поскапувања секојдневно го зголемува бројот на сиромашни.
Бројот на социјално загрозени достигна околу 2 500 лица.
На најразлични начини гледаме да излеземе во пресрет на оние кои што имаат потреба. Ги има во се поголем број верувајте со се поголемата скапотија, се поголемата сиромаштија, се поголем број луѓе бараат помош од Црвениот крст. Гледаме да излеземе во пресрет и со помош и поддршка на општествено одговорни фирми и компании, институции, поединци кои што можат да помогнат преку Црвениот крст – вели Сашо Точков, претседател на Црвен крст Охрид.
Поскапувањето на електричната енергија и енергенсите ги примораа социјално загрозените граѓани да бараат и помош за огрев. Лицата со пониски плати не можат да ги задоволат основните потреби, се соочуваат со недостиг на финансии.
Во зимскиот период се бара дрва, огрев, помош за сметките за струја. Се бара храна верувајте дека секој ден ги опслужуваме со леб, пециво поголема бројка на луѓе. Секојдневно доаѓаат овде и даваме она што имаме и можеме – вели Точков.
Од Црвениот крст Охрид апелираат до општествено одговорни компании и хумани граѓани кои имаат можност да донираат за помош на социјално загрозените граѓани.
Новинар : Соња Рилковска