Бројот на заболени од грип, поголем од лани
Бројот на заболени од сезонски грип во охридско-струшкиот регион речиси двојно поголем во споредба со истиот период лани. Намален е бројот на заболени од постарата популација, но зголемен е бројот на заразени од школската популација. Во Охрид не е изолиран типот на вирусот на грип, додека во Струга има неколку случаи каде е изолиран грип од типот А и Б.
Бројот на заболени од сезонски грип во охридско-струшкиот регион, поголем од лани. За разлика од 2019 година кога во шестата недела биле пријавени 150 заболени, оваа година таа бројка е 223. Значи има зголемување од речиси 49%. Најголем број заболени имало во петтата недела од годинава, односно на почетокот на месец февруари.
Најголем број заболени и во Охрид и во РМ се на возраст од 15 до 64 години, а највисоката инциденца е на возраст од 5 до 14 години што значи дека станува збор за деца од школска популација, вели Др Јованка Стурлакова Коровешоска-епидемиолог.
Во Охрид не е изолиран типот на вирусот на грип, додека во Струга има неколку случаи каде е изолиран грип од типот А и Б. Голем е бројот на заболени од грип од школската популација што се очекувало со почетокот на второто полугодие од учебната година, објаснува Др. Коровешоска. Намален е бројот на заболени од постарата популација што се должи на големиот процент вакцинирани граѓани токму на таа возраст. Засега во регионов нема регистриран покомплициран случај како последица на ова заразно заболување.
Грипот е животозагрозувачко заразно заболување. Посебно кај постарите лица кои се хронично болни, а не се вакцинирани. Доколку има некој покомплициран случај се праќа на инфективното одделение во Скопје, вели Др. Коровешоска.3.54
Од охридскиот Центар за јавно здравје велат дека треба да се следат препораките за заштита од ова заразно заболување и да се избегнуваат групни собири.
Инаку, од Центар за јавно здравје смируваат дека кај нас нема опасност од појава на корона вирусот иако некои граѓани стравуваат поради посетеноста на регионов од туристи од Кина. Објаснуваат дека најчесто таквите посети се организирани и дека овие туристи доколку патуваат со авион слетуваат на аеродромите во соседните земји каде се вршат строги контроли. Досега на нашиот аеродром по појавата на корона вирусот не слетале туристи од Кина, а нема ниту најави. Доколку се случи да има патници од загрозените подрачја ЦЈЗ е подготвен да ги спроведе сите мерки препорачани од СЗО.