Бројот на заболени од туберкулоза се намалува
Секоја година се откриваат помалку заболени од туберкулоза во споредба со претходните години, но тој пад е се уште доста мал. На светскиот ден за борба против туберкулозата 24 март, податоците говорат дека десет милиони животи во светот може да се спасат од смрт во текот на следните 5 години.
Се намалува бројот на болни од туберкулоза во земјава. Оваа болест за човекот е позната уште пред илјадници години. Но таа и денес иако се лекува, претставува водечка причина за смрт од заразни болести, велат медицинските работници. Секоја година, на 24 Март светот го одбележува Денот на туберкулозата. Тој се празнува со цел да се подигне свеста за огромниот терет поврзан со туберкулозата, вели Младен Божиновски од ОО на Црвен Крст Охрид. Светскиот ден на туберкулозата дава можност сите луѓе да се придружат во борбата против ТБ преку давање информации и едуцирање на другите за туберкулоза и поттикнување на владите во државите да преземат акција.
„И последните статистики кога бевме на обука со Институтот за Јавно здравје, кај нас имаме тренд на намалување на бројката, но имавме пораст минатите години, луѓето успешно се лекуваат навреме се откриваат, се преземаат мерки во однос на истото и има околу 320 лица во моментов, што претходно во 2012 тој број беше 450 лица“– изјави Божиновски.
Светскиот ден на борба против туберкулозата се одбележа и во Охрид. На тема „Контрола и превенција на туберкулозата“ предавање одржа д-р Сафет Салкоски пред волонтерите кои членуваат во клубот за млади, кои пак понатаму сите информации треба да ги пренесат на што повеќе млади луѓе или нивни врсници, информираше Божиноски.
„Се концентрираме на младата популација бидејќи е социјално медицинска болест што не мора да значи дека во денешно време е тесно поврзана со сиромаштијата има ситуации кога и богати луѓе заболеле од туберкулоза бидејќи биле во контакт со туберкулозен бацил, медицинскиот персонал може исто така е изложен на голем ризик посебно оние кои се во постојан контакт со пациентите, не е наследна болеста се пренесува преку воздух и затоа треба да внимаваме на хигиенските навики. Кога работиме со овие целни групи кои се изложени на висок ризик, дали тоа ќе се корисници а дроги, затвореници, луѓе кои престојуваат долго време во болници, младата популација и тн обрнуваме внимание посебно во делот на превенција како тие себе си да се заштитет, но и другите“ – вели Божиноски.
На локално ниво во моментов нема конкретен податок за заболени од туберкулоза, но во минатата година биле регистрирани 10 случаи, од кои повеќето биле деца од регионот на Охрид и Струга, пренесува Божиновски. Инаку туберкулозата е болест која е предизвикана од бактериска инфекција. Најчесто ги зафаќа белите дробови но може да го зафати и било кој друг дел од телото. Тоа е заразно заболување кое се пренесува преку близок и долготраен контакт со инфицирани лица или предмети.