Бучковски: „Ние немаме 2046 проекти, ние имаме три, реално остварливи проекти“
Коалицијата за позитивна Македонија се обрати пред охриѓани. На синоќешниот митинг тие на граѓаните им ветија проекти кои според нив се реални и остварливи. Ветија дека во новата влада ќе работат на развој на земјоделието, поттикнување на младите бизнисмени.
Коалицијата за позитивна Македонија со митинг пред охриѓани. Вработувања, меѓуетничка толеранција, почитување на разликите, и владеење на правото, се дел од ветувањата и заложбите на кои вчера пред граѓаните се обврза оваа партија. Носителот на листата во втората изборна единица и претседател на главниот одбор на АПМ, проф. д-р Владо Бучковски, ги презентираше трите проекти кои според него се реални и остварливи, а за кои тие ветија дека ќе се заложат во новата влада.
Тие се однесуваат на развој на аграрот, поддршка на младите кои имаат добри бизниси со кредити во висина од 300 000 евра, како и создавање на една голема компанија за увоз и извоз, која ќе го обезбедува пласманот на земојделските производи.
„Ние ги почитуваме сите оние кои размислуваат поинаку. Ги почитуваме оние кои гласаат и за ДПМНЕ, и за СДСМ, кои гласаат и за другите политички партии. Но сме убедени дека имаме најдобра економска програма, убедени сме дека имаме најискусен тим, убедени сме дека во Република Македонија конечно доаѓа времето кога мора нешто да промениме.“-рече претседателот на главниот одбор на Алијансата за позитивна Македонија, професор д-р Владо Бучковски.
„Дајте да го отвориме и едното и другото око. Доста отворавме или едно или друго, Алијансата за позитивна Македонија и Коалицијата за позитивна Македонија е предизвик и шанса за сите нас да конечно на 27ми Април ги отвориме двете очи, да погледнеме напред со мисија, со визија, со надеж, со позитивна енергија, да направиме нешто добро за Република Македонија.“-вели доцент д-р Игор Камбовски-носител на листа за ИЕ 5 од Алијансата за позитивна Македонија.
Марија Спироска, кандидат за пратеник од оваа партија рече дека Охрид не оди напред и дека мора да се работи на иднината за младите.
„Тука во салата гледам луѓе од кои често сум слушала Марија ти не си за Охрид, тука нема работа, нема просперитет. Ти си за Скопје. Добро, но во Скопје ми велат тука не издржуваш, ти си за странство, тука нема иднина. Јас ќе речам, НЕ! Драги мо охриѓани, јас сум за Охрид, јас сум за Скопје, јас сум за Македонија, но за една позитивна, просперитетна Македонија.“-изјави Марија Спироска, кандидат за пратеник од оваа партија.
За Македонија да оди напред пак, од Алијансата сметаат дека мора да се почитуваат различностите.
„Ние малите етнички заедници имаме можност да си ги искажеме нашите проблеми, нашите потреби и нормално да си градиме наша кариера, бидејќи досега сум видел многу политички опции во Македонија, а верувајте и во Европа. Навистина ова е таа опција која што нуди просперитет на секоја индивидуа, на секој граѓанин, безразлика на етничката, верската и јазичната припадност.“-рече потпретседателот на главниот одбор на Алијансата, доцент д-р Рубин Земон.
Инаку на средбата со Охриѓани, збор зеде и пензионираниот генерал Филип Котели како дел од коалициониот партнер на Алијансата, Партијата на обединети пензионери ,а се обрати и координаторот на Коалицијата за позитивна Македонија за 5 ИЕ, Ѓоко Стрезоски.
{loadposition content9}