Skip to main content

Буково повторно чади

Буково интензивно чади и го загадува воздухот во охридско и ресенско. Еко активистите велат дека состојбата е алармантна и бараат одговори од надлежните до каде е спроведувањето на мерките за контролирање на опожарувањето на депонијата. Од ЈП Охридски Комуналец за ТВМ велат дека се врши покривање со земја на депонијата за да се изолираат деловите каде имаа тлеење и чад.
 |  Маја Савиќ  | 

Буково повторно чади. Изминативе две недели состојбата е алармантна, посочуваат од Групацијата невладини организации Збогум Буково. Од депонијата се крева густ чад и се шири непријатна миризба.

„Имаме снимки каде на 23 км од Буково се гледа чадот, имаме снимки каде што се гледа како се слева преку Коселка река, котлината кон Охрид , кон ресенска страна. Добиваме многу барања и прашања од Крушјани посебно, тоа село се наоѓа на многу блиска воздушна далечина од Буково, тие се најизложени, прашуваат што се случува и што всушност треба да правиме за да ги натераме надлежните да реагираат.– вели Драгана Карашова – активист Збогум Буково.

Буково е ѓубриште од 70-тите години и високоризична дива депонија за здравјето на луѓето и за целиот еко систем, која според препораките на УНЕСКО веќе требаше да биде затворена. Според Планот за управување со отпад регионалната депонија во Новаци за југозападен и пелагониски регион каде ќе се одлага отпадот од 18 општини треба да биде изградена до крајот на 2027 година. До тогаш мора да се преземаат мерки да се контролира состојбата на Буково во поглед на опожарувањата.

„Добивме ветување дека од 2025 год ќе се започне со мерките кои се и законска обврска на општината за намалување на ризикот од пожари на депонијата. Не добиваме одговор на овие прашања иако многу пати се обраќаме до општината , до каде сме со овие мерки. Можам да ги набројам. Секојдневно треба да одлага земја, треба да има цистерна со вода да реагира во моментот кога ќе се запали, треба да има ограда, да биде оградено да нема пристап од неовластени лица бидејќи не знаеме некој намерно дали ја пали, иако морам да кажам дека тоа е депонија стара 5 децении, нејзе јадрото и гори. – вели Карашова.

Од ЈП Охридски Комуналец за ТВМ велат дека се врши покривање со земја на депонијата за да се изолираат деловите каде имаа тлеење и чад. Активностите ќе се интензивираат од почетокот на следнава недела со подобрување на временските прилики, вели директорот Саше Најдески.

На Буково гори она што ние го фрламе во нашите канти за отпадоци, велат од Збогум Буково и апелираат до граѓаните да го селектираат отпадот. Процентот на отпад што се селектира и рециклира во земјава е на ниво на статистичка грешка. Ние фрламе на депониите 99% од отпадот којшто го создаваме.

Процесот на примарна селекција веќе започна со делење садови за селекција на отпад на домаќинствата од страна на јавното комунално претпријатие.

Значи она што можеме ние да го направиме е да селектираме пластика, пластични шишиња, пакувања, кеси и слично и да ги искористиме оние инфраструктури кои ни се достапни.

Имајте предвид дека она што ќе си го фрлиме е она што ќе отиде на Буково и ќе биде тоа што ќе гори и ќе ни се врати назад се додека не се изгради стандардната депонија во Новаци и тогаш веќе ќе имаме и систем комплетен за селектирање, трансферна станица овде во Охрид каде тој отпад ќе се пакува, балира ќе се продава итн.“ – вели Карашова.

Процесите за изградба на регионалната депонија закочија откако населението од Битолскиот регион започна со организирање протести против тоа отпадот да се одлага во нивниот двор. Од МЖСПП реагираа дека стравовите и протестите се неосновани и дека воспоставувањето на систем за управување со отпадот ќе значи еколошки здрава животна средина наспроти сегашните стотици диви ѓубришта кои ги користат општните за одлагање на комуналниот смет. Тие нестандардни депонии ќе треба да се затвораат паралелно со отворање на регионалната депонија. Тоа ќе биде скап процес главно на товар на општините со евентуална помош од Министерството за финансии. Затворањето на депонијата Буково, според проценките ќе чини околу 3 милиони евра, пари кои во моментов не се обезбедени.