Над 2.000 кубни метри земја досега употребени за затрупување на опожарениот дел на Буково, активностите продолжуваат, велат од Комуналец

Повеќе од две недели по избивањето на пожарот на депонијата „Буково“, активностите за негово целосно локализирање и стабилизирање продолжуваат. Од ЈП „Охридски Комуналец“ денеска информираа дека интензивно се работи на покривање со земја на опожарениот дел, а досега биле донесени и употребени над 2.000 кубни метри земја.
-Со ангажирана механизација и екипи на терен се врши затрупување на опожарените површини и жариштата, со цел да се спречи нивното понатамошно ширење. Активностите продолжуваат до целосно ставање на состојбата под контрола, а состојбата постојано се следи во координација со останатите надлежни служби, велат од претпријатието.
Пожарот на депонијата „Буково“ избувна на 19 август, а последиците од него деновиве се чувствуваат во поширокиот охридски регион. Чадот и непријатната миризба се присутни во градот, а податоците од мерните станици покажуваат загрижувачки бројки за загаденоста на воздухот, што предизвикува револт кај граѓаните. На социјалните мрежи граѓани со денови бараат од надлежните итно да преземат мерки за справување со состојбата и за заштита на здравјето на населението.

Проблемот со пожарите на „Буково“ не е нов и се повторува со години. Нестандардната депонија претставува горлив еколошки проблем за Охрид и околината. Освен загадувањето на воздухот при пожарите, со депонирањето отпад на нестандардна депонија се отвора и прашањето за долгорочното влијание врз почвата и водите.
Затворањето и целосната санација на „Буково“е неопходно трајно решение, но за тоа е потребен системски пристап, обезбедување на соодветна инфраструктура за управување со отпадот со изградбата на регионална депонија во Новаци.
Избран изведувач за урбанистичкиот и основниот проект за затворање и санација на Буково | Портал ТВМ




