Бурна дискусија за реализацијата на програмите и буџетот на Општина Охрид за 2025год
Реализацијата на капиталните инвестиции во општина Охрид и понатаму не е на задоволително ниво според опозицијата во Советот на градот. На денешната седница на која на дневен ред беа извештаите за реализацијата на програмите и буџетот за 2025 година се разви бурна и на моменти детална дискусија по проекти. Анализирајќи го извештајот и завршната сметка на општината, може да се заклучи дека програмите наменети за спорт, култура, социјалните програми, програмите за невладините организации бележат реализација од преку 90 отсто, а додека реализацијата на програмите за капитални инвестиции е далеку помала, псоочи советникот од СДСМ , Јане Тодороски.
-Сите знаеме дека капиталните инвестиции се тие што донесуваат долгорочен развој, подобрување на инфраструктурата, подобар животен стандард и напредок на градот, па затоа е многу важно проектите кои ги предвидуваме во буџетот и да се реализираат. Затоа сметам дека во иднина треба да се посвети поголемо внимание на реализација на овие капитални проекти, затоа што Охрид има потреба од повеќе реализирани проекти, а помалку нереализирани планови, рече Тодороски.
Извештајот за програмата за туризам и локален економски развој покажува умерен раст на туристичкиот промет од околу 3,4 проценти во однос на претходната година, а во делот на странски туристи има порастот од околу 10% , посочи советникот Александар Блажески. Додаде дека иако туристичкиот промет бележи раст, приходите од туристичка такса за 2025година се нешто пониски во споредба со претходната година, што укажува дека има простор за подобрување во организацијата, планирањето, но и дигитализација на целиот туристичкиот развој.
–Сепак, од извештајот може да се забележи дека дел од планираните активности и проекти кои што ни беа посочени не се реализирани во целост и нивната реализација е префрлена за наредна година, односно за нареден период и затоа сметам дека во следниот период треба уште повеќе да се работи на поефикасна реализација на програмските активности, особено во делот на туристичката инфраструктура, дигиталната промоција и создавање на нови туристички содржини, кажа советникот Блажески.
Добро е што има зголемување на туристи, меѓутоа ако се гледа низ бројки, од 13 милиони денари предвидени во буџет само 2,3 милиони, што мислам дека е многу мало ниво на реализација, се надоврза советникот Ванчо Костовски. Тој се задржа на остварувањето на буџетот за 2025 година при што кажа дека за пет милиони евра, помалку е реализирано од она што било предвидено. Зголемениот буџет беше резултат на средствата од унгарскиот кредит доделени на двата повици од Влада, но дел од проектите не се реализирани, кажа Костовски.
–Поголемите ставки кои што не се реализирани се: изградба и реконструкција на локални патишта предвидени 140 милиони, а 41 милион денари се реализирани, односно седумдесет милиони денари помалку. Изградба на простор за паркирање 21 милион, а 711 не е реализирано ништо. Изградба на простор за водоснабдување 72 милиони предвидени, 32 милиони реализирани, односно 40 милиони не се реализирани, повеќе од половина. Во паркови и зеленило 5 519 000 денари предвидени, нула реализирани, кажа Костоски.

Тони Иваноски од Секторот за комунални дејности децидно ги отфрли забелешките за реализацијата на капиталните инвестиции во минатата година. Тој посочи дека програмата во која се тие главно содржани има реализација од 80%. Тој објасни дека оние 20% што не се реализирани се должат на дополнителни работи кои произлегле како асфалтирањето по изведбата на канализационата мрежа во Горно Лакочареј, каде било потребно дополнително природно зацврстување на тлото но кое ќе се заврши до првата половина на април и уредувањето на каналот пред управната зграда на ЈП Водовод за кој пропаднале трите конкурси бидејќи идејните решенија не одговарале на амбиентот и на Охрид. Што се однесува до проектите финансирани од Владата, од првиот повик од седум одобрени реализирани се шест, а остана уште партерноту редување на градските гробишта кое ќе заврши до Велигден.
–Во 2025 година од вториот повик на Владата дозволени средства во септември месец се реализирани во однос на склучување на договор од вкупно одобрените седумнаесет проекти, тринаесет проекти. Четири проекти немаме склучено на договори, бидејќи постигнатите цени во првиот повик беа повисоки од она што беше одобрено од Владата. Од тие проекти вистина во 2025, значи, некаде да кажам дека договорите беа склучени во ноември и декември, временски не постои можност да почне со реализација. Почнавме само со реализација на локалниот пат од Петрино до Караорман, додека сите други проекти останаа да се реализираат во 2026 година, рече Иваноски.
Во 2025 година Општина Охрид има приближно 41 километар локални патишта асфалтирано, 11 илјади метра канализација и 7 илјади метра водовод, посочи Иваноски. Секретарот на општината, Александар Китески, пак таксативно и детално од говорницата ги наброја сите активности кои се веќе реализирани. Потенцира дека минатата година има зголемување и завршната сметка и во остварувањето на буџетот.
–Во однос на инфраструктурните проекти кои што се во тек, реконструкција на плоштад Крушевска Република, капитален проект 45 милиони денари, реконструкција на примарна канализациона мрежа Кленоец 14 милиони денари, реконструкција на локален пат до село Завој, 25 милиони денари, реконструкција на населба Бараки, каде што гледаме дека после преку триесет години се реконструираат улиците во населба Бараки беа заборавени луѓето. Реконструкција на улиците во комплексот на градските гробишта. Прередување на камени плочи на улица Цар Самоил и така натаму. Сите овие активности кажуваат дека гледаме рамномерно секаде во сите делови од градот и населените места и села да се реализираат проекти. Тие проекти се сите кои што произлегле од барањата на граѓаните. Не се проекти кои што нас ни текнало дека треба да ги правиме, рече Китески.
Советот на Општина Охрид на денешната осма седница ги усвои сите точки обемниот дневен ред кои се однесуваа на извештаите за работењето и резултатите на основните и средните училишта, финансиските резултати на јавните претпријатија и реализацијата на програмите и буџетот на општината за минатата година.