Skip to main content

Бурни реакции за бугарскиот клуб Цар Борис III

Ден пред одбележувањето на народното востание против фашистичкиот окупатор, на 7 октомври во Охрид ќе се отвори бугарски културен центар „Цар Борис Трети“. Ова предизвика бурни реакции во јавноста. Граѓаните сметаат дека станува збор за уште една бугарска провокација.
 |  инфодеск  | 
Цар Борис Трети

Бурни реакции по најавата за отворање на бугарски клуб во Охрид. Ден пред одбележувањето на народното востание против фашистичкиот окупатор, на 7 октомври во Охрид ќе се отвори бугарскиот културен центар „Цар Борис Трети“.

Како специјален гостин на отварањето најавен е бугарскиот бизнисмен и филантроп Милен Врабевски, кој го финансира отворањето на клубот. Културниот клуб според најавите ќе биде лоциран во строгиот центар на градот во трговскиот центар „Амам“ на првиот кат.

Покана отворање бугарски клуб

За повеќе податоци се обидовме да стапиме во контакт со претседателот на здружението Томе Блажески, но не одговори на телефонските повици.

Граѓаните сметаат дека станува збор за уште една бугарска провокација.

Не е прва провокација, ги има многу и ова е провокација – вели еден охриѓанец.

Да не се отвора, нема потреба зошто да се отвора ние не сме Бугарија. Сакаат да ја присвојат нашата земја – вели друг охриѓанец.

Не е во ред, бугарите во Македонија што бараат. Македонија е Македонија, Бугарија е Бугарија – вели трет охриѓанец.

Ние да си отвориме во Благоевград под името Гоце Делчев. Реципроцитет. Како може странска држава да отвора клубови со име на некој кој нас не негирал и е против македонизмот – реагира еден охриѓанец.

Нема потреба од тие работи тоа е провокација за мене – вели охриѓанец.

На најавите за отворање на клуб со името на Борис Трети повторно реагира Еврејската заедница од Македонија, Претседателот Пепо Леви во телефонски разговор најави дека до обвинителство ќе поднесат кривична пријава против името Цар Борис Трети.

Не можеме да го глорифицираме Цар Борис Трети затоа што оваа личност е докажан соработник на фашизмот, на Хитлер и на Мусолини. Цар Борис Трети го потпиша антиеврејскиот закон за заштита на нацијата. Во законот ја презема дури и паролота на Нацистичка Германија, еден цар, еден народ, една држава во кој што се дискриминираат Евреите, вели Пепо Леви, претседател на Еврејската заедница.

Реагираат и од ОМО Илинден и тие сметаат дека името е провокација, а отварањето на клубови не е проблем.

Проблем е што се бараат провокации за да настане конфликт за да може Бугарија да ја правда својата антимакедонска политика. Името покажува дека целта на клубот не е културна, посочуваат од ОМО Илинден.

Градоначалникот на Охрид Пецаков пак, на став дека принципот на делување и агресивното ширење на ваквите клубови не носи ништо добро во односите помеѓу македонците и оние кои што се чувствуваат како бугари.

Вака во време кога се негира се македонско, се условува Македонија oд страна на Бугарија за промена во изучувањето на историските учебници, локалитети, личности, настани итн, секако дека не може ништо позитивно да донесе во меѓусебните односи – рече Пецаков.

Новинар : Соња Рилковска