Skip to main content

Чамците кои не се впишани во регистарот на пловни објекти ќе може да се легализираат

Легализацијата на чамците е овозможена со измените и дополнувањата на Законот за внатрешна пловидба. Од донесувањето на овој закон задоволни се сопствениците на пловните објекти бидејќи досега оние чамци што не биле регистрирани им биле нелојална конкуренција.

 |  Јаковлева Лионела  | 
kajce
кајче

 

Чамците кои се користат на езерата во државава кои не се впишани во регистарот на пловни објекти ќе може да се легализираат до 3 септември годинава.
Ова е овозможено со измените и дополнувањата на Законот за внатрешна пловидба што неодамна беа усвоени од страна на Собранието на Република Македонија. Легализацијата на чамците ќе се врши со поднесување предлог за легализација до надлежниот суд според местото каде што се наоѓа живеалиштето на сопственикот на тој пловен објект. По поднесениот предлог за легализација, судот во рок од три дена ја известува Капетанијата на пристаништа со барање во рок од 24 часа да ја информира јавноста и заинтересираните лица за поднесениот предлог. Доколку во рок од 30 дена не се јави друг сопственик на пловниот објект, ќе се донесе решение за негова легализација, а ако се јави друг сопственик на пловниот објект тогаш сопствениците ќе бидат упатени на парнична постапка.брод

Има одреден број на чамци уште од бивша ЈУ кои биле купувани од разни фабрики како ЕЛАН, Маестрал и др. , а има и самоградби кои никогаш не биле регистрирани. Сега се нуди можност да се утврди сопственоста, вели Горан Устијаноски, капетанот на охридската Капетанија.

Оние сопственици на чамци кои некогаш регистрирале чамец или имаат чамец за кој имаат фактура, или сметка дека го купиле или купопродажен договор без разлика дали го регистрирале во Капетанија не подлежат на одредбите на овој Закон, вели Капетанот.

Од  донесувањето на овој Закон задоволни се и сопствениците на пловните објекти. Тие велат дека досега оние чамци што не биле регистрирани им биле нелојална конкуренција.

-Најпозитивна работа направи капетанијата. Во овие две години луѓето си ја зедоа работата во свои раце и направија ред како што треба, вели Номче Матов, кајчар.

Во регистарот на чамци има такви кои се запишани а не се во функција, вели капетанот Устијаноски. Тој објаснува дека таквите пловила треба да бидат ликвидирани. Досега има 1300 пловни објекти регистрирани во регистарот. Од нив само половината се во пловна состојба и доколку досега не се регистрирани треба да се регистрираат, кажува капетанот.

{loadposition content9}