Skip to main content

Се губи автентичниот дух на охридската чаршија

Ги нема веќе старите занаети, а и квалитетот на стоката која се нуди во охридската чаршијата е многу послаб од порано, велат старите еснафи. Таа денес личи на кичерај каде се нуди се и сешто. Бараат поголема грижа од локалната за да се зачува барем мал дел од белезите кои преостанале.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Охридската чаршија полека, ама сигурно изумира. Старите еснафи кои сега можат да се избројат на прсти велат дека одамна го нема оној дух на некогашната надалеку препознатлива стара чаршија. Климент Талев чија фамилија со децении се знимава со правење оригинален охридски бисер со носталгија раскажугва дека охридската чаршија покрај што била единствена по својот лик, таа се издвојувала од другите чаршии и по квалитетот на понудената стока.

Денешната чаршија е еден обичен кичерај. Секој може се да продава и да тврди дека производите се квалитетни и оригинални. Насекаде се нудат бисери за кои се раскажува дека се охридски. Секој мисли дека на брз и лесен начин ќе заработи а при тоа не размислувајќи дека го руши угледот и на градот и на чарчијата. Нема веќе разнообразност во понудата  како што имаше некогаш кога јас бев млад, вели Талев.

talevТалев се присетува дека во охридската чаршија цветале занаетите. Имало кондураџии, тенекеџии, опинчари, самарџии, куванџии. Имало и богата угостителска понуда од која странските гости биле презадоволни. Овај охридски еснаф си спомна за кафаната од Мостровци каде се правело најубавото кисело млеко со кое гостите се разладувале во жешките летни денови. Имало и квалитетна облека која била изработена од природни материјали. Сега вели Талев само се оди на квантитет, а не на квалитет. Тој додава дека чаршијата уште повеќе го изгубила својот лик во 2006та година кога каменот со кој  беше поплочена се  замена со мермерни плочки од низок квалитет. Живо се сеќава на шеталиштето поплочено со црвенкастите камени блокови кои биле уште од турско време, а од него не е оставена ниту мала апликација за да потсетува на старата убавина. Старата охридска калдрма, која важеше за една од најпознатите и најубавите во Македонија, остана уште само во песните и на старите фотографии, вели Талев. Тој додава дека жали што пред негови очи охридската чаршија заминува во заборав.

{loadposition content9}

За мене чаршијата е живот. Ако не излезам в чаршија значи сум болен или нешто не е во ред со мене. Јас живеам во чаршијата и за чаршијата и многу тешко ми паѓа кога гледам што и се случува, вели Талев.

Талев апелира до Локалната власт, но и до централната да преземат мерки за зачувување на оние автентични белези на чаршијата кои преостанале. Тој додава дека би бил пресреќен кога би знаел дека и неговите внуци ќе почуствуваат барем мал дел од духот на некогашната охридска чаршија.