Целосно изгаснат пожарот кај Вапила Сирула
Шумскиот пожар во планината во реонот на селата Вапила и Сирула кон селото Расино е целосно ликвидиран денеска околу 14 часот, информираат од ЦУК. Пожарот кој започна вчера попладне, се прошири на три фронта на тешко пристапен терен. Гореше деградирана нискостеблена дабова и борова шума, пришто првичните проценки се дека беа зафатени над 12 хектари површина.
Околу 40 лица на Национални шуми, подружница „Галичица“ –Охрид екипите на Територијалната противпожарна единица Охрид, Доброволно противпожарно друштво, екипи од сите општински јавни претпријатија и мештаните од рано утринава поделени во групи се бореа со три краци на пожарот и го ставија под контрола.
Доколку продолжеше ширењето на стихијата, Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, не исклучи и гаснење од воздух.
Цело утро се водеше вистинска битка со огнот коишто се ширеше во три правци од кои едниот правец се доближи на околу 800 метри од селото , но таму пожарот беше ставен под контрола. Првиот крак беше изгаснат. Ако дождот е доволно силен верувам дека целосно ќе го изгасне , ако не, поради висината на теренот постои можност од употреба на летала – истакна Ангелов.
На терен остануваат дежурните екипи од ЈП „Национални шуми“ подружница Галичица да ја опсервираат состојбата. Вкупната зафатена површина и направената штета дополнително ќе се проценуваат. Изминативе 9 дена на територија на државава имало 88 пожари, само во текот на вчерашниот се гаснеле 18 пожари.