Центарот за безбедност на вода при Црвен крст Охрид започнува обука за спасители

Од Центарот за безбедност на вода при Црвен крст Охрид го најавуваат новиот курс за обука на спасители на отворени води.
–Станете дел од тимот кој се грижи за безбедноста на нашите плажи. Курсот ќе трае од 21 до 28 јуни 2026 година во Охрид и за пријавување треба да се исполнат одредени услови. За да биде прифатена апликацијата, секој кандидат мора да ги исполнува следниве критериуми: да има најмалку 17 години (на денот на започнување на курсот), да е добро психо-физички подготвен и знае да плива и да достави потврда за здравствена способност за извршување на спортски активности, издадена од матичен лекар. Пред почетокот на теоретската и практичната обука, кандидатите ќе подлежат на влезни норми (пливање и нуркање). Обуката ја спроведуваат лиценцирани инструктори за безбедност на вода, според меѓународните стандарди на International Life Saving (ILS). Заинтересираните кандидати треба да ги достават потребните документи во просториите на Црвен крст Охрид, велат од Црвен крст Охрид.
Од таму додаваат дека со завршениот курс спасителите ќе се стекнат со меѓународно признат сертификат, ќе имаат динамична работа во текот на летната сезона и ќе развиваат вештини за прва помош и спасувања кои спасуваат животи.
За повеќе информации сите заинтересирани можат да се јават на телефонот 079/350-639, или да остварат контакт преку маил адресата redcrossohrid@watersafetycentre.mk или на веб страната watersafetycentre.mk.





