Центар за стимулација на раст и развој, едукација и советување „Мали стапала“ започна со работа во Охрид
Во Охрид започна со работа Центар за стимулација на раст и развој, едукација и советување за деца од 0 до 7 годишна возраст и родители. „Мали Стапала“ претставува катче во кое стручно лице работи индивидуално со деца на кои им е потребна стимулација на раст и развој, дефектолошки третмани, дечиња со атипичен развој, но и место за едукација и советување на родителите.
„ Мали стапала е наменет за деца од најрана возраст , од 0 до 7 години, значи и бебиња можат да доаѓаат , тоа се дечиња родени со ризик фактори како предвремено родени, царски рез, многу мала родилна тежина, близначка бременост и тн. Овие деца се следат на секои три месеци за да се види дали развојот е согласно календарската возраст или има задоцнување. А некогаш и не мора да се забележи задоцнување туку едноставно е потребна стимулација на развојот, за да се одвива континуирано и да се постигне календарската возраст. Децата со атипичен развој се поголемки, на 3-4 годишна возраст, бидејќи процесот на добивање дијагноза е посложен или најчесто дијагнозата се добива пред тргнување во училиште .“ – вели Јана Маркоска – специјален едукатор и рехабилитатор во „Мали стапала“.
Во „Мали стапала“ се прави дефектолошка проценка на развојот на детето во сите домени на неговиот развој, крупна и фина моторика, сензорен, социјален, емоционален , конгнитивен развој и за секое дете се прави индивидуален план за работа со цели кои треба да се постигнат.
„ Во Мали стапала за секое дете имаме индивидуални третмани, тоа значи дека секое дете има индивидуален план и програма за работа бидејќи само така може најоптимално да се постигне тоа што го очекуваме и целите што ќе ги зацртаме, бидејќи времето поминато со детето е насочено само кон него и неговите интереси. Третманите не ги предводам јас туку детето со неговите интереси преку игровни активности. Развојот на децата е најголем преку играта, тоа е нивниот терен. “ – посочува Маркоска.
Во Центарот има и програма за предучилишна подготовка за идните првачиња. Се работи на усвојување вештини потребни за почеток на училиште, пришто покрај за постигнување успех се работи и на вештини за развој на логичко размислување, креативност , самостојност, социјализација , функционирање во група, почитување правила и адаптација во нова средина.
„Децата се премногу оптеретени со социјални мрежи, модерна технологија, екрани , недоволно се движат, недоволно ја вклучуваат моториката и општо развојот кај голем дел од децата доцни. Во поглед на говорот има доста граматички неправилен говор, има доцнење во фината моторика , во делот со пишување. Кога ќе започнат на школо треба веќе одредени вештини да се усвоени.“ – вели Маркоска.
Центарот е опремен со материјали, помагала и нагледни средства за сензорна интеграција, за развој на крупната и фината моторика, за конгнитивен развој. Идеата за негово отворање започнала како страна на социјална мрежа додека Јана Маркоска била на студии.
„ Мали стапала е идеа која ја имав уште од студентските денови . Започна како страна на социјалните мрежи за едукација на родителите во врска со детскиот развој, а сега прерасна во една реализирана идеја со многу вложен труд, амбиција, посветеност и голема поддршка од дечињата и родителите со кои соработувам. “ – вели Маркоска.
Центарот „Мали Стапала“ се наоѓа на ул. „Питу Гули“бр. 36. Сите заинтересирани родители за консултација можат да стапат во контакт и преку тел: 070 605 335 и е-мејл : mali.stapala@outlook.com.