Охрид доби Центар за дебелина – сериозен чекор против растечкиот здравствен проблем
Во Општата болница Охрид официјално започна со работа првиот Центар за менаџирање на дебелината во Југозападниот регион, со што се прави значаен исчекор во справувањето со еден од најсериозните здравствени предизвици на денешницата.
Дебелината сè почесто се карактеризира како глобална пандемија, а бројот на луѓе кои се соочуваат со овој проблем постојано расте. Таа не претставува само естетски, туку пред сè здравствен проблем, поврзан со зголемен ризик од кардиоваскуларни заболувања, дијабетес, проблеми со зглобовите и нарушено психичко здравје.
– Дебелината денес е едно од најактуелните заболувања во современиот свет, синдром кој ги засега повеќето органски системи. Ова е прв центар кој со помош на ендокринолозите од Интерно се реализира, го отворивме првиот центар за пациентите од целиот Југозападен регион. Интерес веќе има што претставува уште еден доказ дека овој рпоблем не е заболување туку пандемија кој што ги зафаќа нашите сограѓани во совремниот свет, вели д-р Горан Маркоски. Директор на ЈЗУ Општа болница Охрид.

Пристапот во центарот ќе биде сеопфатен и индивидуализиран, со цел пациентите да добијат целосна проценка и соодветен третман.
– Тоа е еден комплексен проблем кој што опфаќа менаџирање на многу состојби. Зголемената телесна тежина сама по себе повлекува ризици од повеќе заболувања – кардиоваскуларни, проблеми со локомоторниот систем, оптоварување на зглобовите, но и секако и психолошки последици. Затоа е потребен комплексен пристап во третманот. Ние сме сега на самиот почеток имаме апарат кој што ни овозможува определување на композицијата на составот, мастите, мускулната маса, водата еден увид во составот на телото кој е почетна точка и ние понатака можеме да го следиме пациентот и секако со другите параметри кои што вклучуваат преглед притисок и понатаму да го насочуваме, изјави д-р Даниела Мисоска Пендова.

Од болницата информираат дека интересот кај граѓаните е веќе значителен, а покрај советување и следење, ќе биде достапна и терапија за намалување на телесната тежина и психолошко советување.
-Веќе има интерес, дојдени се неколку луѓе прашуваат и за терапија. Имаме и терапија за намалување на телесна тежина која се дава кај пациентите, посочи д-р Лилјана Ангелеска.
Со отворањето на овој центар, здравствениот систем во регионот добива важна алатка во борбата против дебелината, која сè повеќе се наметнува како општествен и здравствен проблем што бара системско решение.