Централниот регистар го одби барањето на здружението „Цар Борис Трети“ од Охрид за усогласување со Законот за здруженија и фондации.
Ве информираме дека Централниот регистар во текот на денешниот ден донесе Решение со кое барањето за усогласување од страна на Здружението Цар Борис III од Охрид го одби, од причина што од страна на Здружението Цар Борис III од Охрид до Централниот регистар во законски предвидениот рок од 30 дена не се доставени бараните документи дадени во Известувањето, во согласност со Законот за здруженија и фондации – се наведува во соопштението на Централниот регистар.
За донесената одлука Централниот регистар ќе го извести и Министерството за правда, за негово понатамошно постапување.
Од Министерството за правда велат дека Комисијата за имиња ќе продолжи да работи, ќе ги разгледува и сите останати 17.000 регистрирани здруженија во Македонија, а ќе заседава и секогаш кога во Централниот регистар ќе се појави барање за упис на здружение или фондација со назив со име на историска личност.