Честитка по повод Рамазан Бајрам од градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков
По повод празникот Рамазан Бајрам, Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков упати честитки до Муфтијата Самет Ајдари, до членовите на Исламската верска заедница и до сите граѓани од исламска вероисповед.
-Честитајќи Ви го празникот, Ви посакувам и сите други месеци од годината да ви бидат исполнети со вредностите и благодетите на најблагородниот и најсреќниот месец за Вас, месецот Рамазан. Вербата во Бога да нè води кон вистинскиот пат и постојано меѓу луѓето да владее слога и почитување без разлика на верската или каква било друга определба, се вели во честитката.
Рамазан Бајрам е празник кој нè потсетува на важноста на солидарноста, толеранцијата и заедништвото, додава Пецаков и посочува дека со чествување на празникот се потврдува столетната традиција на пријателство, единство и хармонија во нашата татковина.
-Посакувам празничните денови да ги поминете во мир и хармонија исполнети со среќа и радост, споделувајќи љубов со ближните. Во духот на Рамазан да даруваме, помагаме и шириме добра волја. Без разлика на верската, етничката и политичката припадност да имаме разбирање и почит кон сите наши сограѓани. Заедно, сплотени и солидарни да работиме на напредокот и благосостојбата на Охрид и Македонија, вели градоначалникот на Охрид во честитката по повод Рамазан Бајрам.