Сопружници од Ресен загинаа на Галичица, четири и пол часа траела операцијата на ПСС за извлекување на телата
Сопружници од Ресен на возраст од 59 и 56 години се жртвите во несреќата на регионалниот пат Охрид – Отешево кој води низ НП Галичица. Тие со патничко возило „фолксваген голф” излетале од патот во провалија длабока 150 метри. Возилото го лоцираа полициски службеници со помош од параглајдеристи во чија близина биле пронајдени и телата на починатите.
Ден предходно, на 16-ти јуни во 22.00 часот нивниот син пријавил во полиција дека се оддалечиле од домот со возилото. По наредба на јавен обвинител телата на починатите биле дадени на обдукција. Извршен е увид и допрва ќе се утврдуваат причините за несреќата.
Извлекувањето на жртвите од непристапен терен кај местото викано Превој траело 4 и пол часа. Акцијата била една од покомплексните која досега ја извршила Планинската спасителна служба.
„Вклучен беше 70% од вкупниот материјално технички и човечки капацитет со којшто располагаме бидејќи стануваше збор за техничко извлекување од 150 метри провалија. Нагиб од некаде 75 до 85 степени. Од патот возилото не се гледаше бидејќи конфигурацијата е многу стрмна. Ова е уште еден доказ дека волонтерските служби кои делуваат и се опремени по меѓународни стандарди се многу сериозен партнер на државните институции, бидејќи вчера се покажа дека онаму каде другите надлежни за вакви ситуации се немоќни настапуваме ние и им помагаме.“ – вели раководителот на ПСС Охрид, Антонио Додевски.
Регионалниот пат во зима е затворен за сообрајќај како небезбеден. ПСС во зимскиот период има десеттици интервенции на извлекување на заглавени возила. Но, ова е прв случај на извлекување загинати лица.
„Евидентни се оштетувања на заштитните браници, сигнализацијата и тн. Но не е наше да го оценуваме до кој степен е безбеден. Ние сме тука да интервенираме и да помогнеме онаму кадешто е потребно и на институциите и на граѓаните.“ – посочува Додевски.
Од НП Галичица се координираат со МВР за отстранување на возилото откако ќе завршат сите процедури кои ги врши полицијата во врска со несреќата.