По четиричасовна акција, спасени изгубените туристи на Галичица
Од Националниот парк „Галичица“ чии екипи учествуваа во акцијата за спасување, велат дека секоја планина мора да се почитува и да се биде претпазлив, но и секој кој сака да ја разгледува планината, задолжително да си купи билет и да се пријави кај нив.
Среќен крај на драмата на двајцата туристи кои вчера се загубија на Галичица. Потрагата по нив траела четири часа, а во која беа влучени екипи од НП Галичица, ЦУК, граничната полиција и единицата за спасување на планина. Двајцата туристи биле пронајдени во изразена хипотермичка состојба, несоодветно облечени и опремени, но и без карти за движење по теренот. Антонио Додевски од единицата за спасување на планина вели дека приказната има среќен крај благодарение на координираноста помеѓу сите екипи кои зеле учество во спасувачката мисија.
Од НП Галичица велат дека на Галичица временските услови можат брзо да се сменат и дека тоа мора да се земе во предвид, нешто што двајцата туристи не го направиле.
„Македонија е планинска земја со околу четириесетина планини, со околу осумдесетина врвови над 2000 метри. Тоа кажува дека секоја планина е опасна, секоја за себе, нормално така и националниот парк „Галичица“ има своја специфичност каде има опасни тререни каде што може да се случат циркови, каменести делови каде што човек може да се лизне, да падне, како и на секоја планина во Македонија. Така и Галичица има свои опасности и тоа треба да се почитува, да се движат по строго обележаните патеки, секое скршнување, оддалечување од таа патека, може да допринесе до она што не дај боже може да се случи.“-изјави ренџерот од Националниот парк „Галичица“, Ѓуро Јовчески.
Наумче Новески од одделот за заштита од пожари при националниот парк, вели дека мора да се почитува законот и секој кој сака да го посети паркот и да ја разгледува планината задолжително мора да се пријави кај нив и да си купи билет. Според него на ваков начин самата потрага доколку нешто би се случило
би траела многу кратко.
„Тргнати сме кон нешто да направиме, ајде да ги наречеме некакви станици, ако не друго барем се трудиме во почетоков, првиов чекор нека е да се направат барем натсрешници, луѓето, ако се движат по патеките каде што ние сме одговорни. Ако пријави дека се движи по патека ние сме одговорни за него, не можеме да бидеме одговорни за некој што му текнало преку Албанија да си влезе. Ако овде си влезе, ние ќе знаеме точно каде е. Нека одбере било која патека, ние имаме служба која од неговиот GPS кога ќе ги внесат координатите каде треба да се движат луѓето да бидат безбедни.“-вели Наумче Новески од одделот за заштита од пожари во Националниот парк „Галичица“.
Антонио Додевски од единицата за спасување на планина, раскажува дека откако била утврдена точната локација на туристите, во страшно невреме се упатиле таму. Туристите, едниот од Словенија, другиот од Полска биле пронајдени без посериозни повреди, во контактибилна состојба и со возилото на НП
Галичица биле однесени во Охрид каде што биле сместени.
Додовски раскажува дека најнапред туристите во 20 часот и 15 минути успеале да контактираат со СВР Ресен појаснувајќи дека се чувствуваат дезориентирано и не знаат каде да продолжат. СВР потоа ги известил сите инволвирани институции кои се мобилизирале за кратко време.
„Лошо беше што немавме точни податоци каде се лицата само знаевме дека биле на некој врв од каде се гледаат двете езера, такви врвови се повеќе, потоа дека се во шумски предел во некој дол од каде немаат можност да видат никакви светла од населени места што не насочи да размислуваме дека се околу Магаро кој најчесто е посетен од туристи. Првично сите екипи се упатија таму и од Ресен, од Националниот парк „Галичица“, граничната полиција, ние и ЦУК, од тука за по извесно време кога беа достапни во мобилната мрежа да ни кажат дека се наоѓаат до патоказ кој покажува манастир „Св. Петка“, а подоцна следниот патоказ Извор-Габреш, што веќе точно ни ја одреди локацијата дека станува збор за некаде помеѓу Велгошти и Петринско поле.“-вели Антонио Додевски од Единицата за спасување на планина.
Инаку двајцата туристи, својата прошетка ја започнале вчера попладне, без притоа да ги проверат идните временски прилики, за подоцна во ноќта веќе да бидат загубени. За среќа по четиричасовната координирана потрага биле пронајдени некаде над охридското село Велгошти. Учесниците во потрагата сложни дека доколку потрагата потраела, епилогот би бил трагичен.
{loadposition content9}