Пукната водоводна цевка ги поплави дворовите на „Никола Карев“
Пукната водоводна цевка веќе една недела тече и ги поплавува дворовите на улицата „Никола Карев“. Иако дефектот бил пријавен уште минатиот понеделник, водата и понатаму си тече. Дури денес после дојавата од нашата телевизија екипи од МЈП „Проаква“ излегоа на терен.
Дворот на семејна куќа која се наоѓа на улицата „Никола Карев“, претворен во езерце. Веќе една недела тече вода од пукната водоводна цевка и ги поплавува имотите на граѓаните кои живеат тука. Дефектот бил пријавен уште минатиот понеделник, дошле некои екипи, нешто интервенирале, но не го решиле проблемот, водата и понатаму си тече, раскажува Ристе Карадимче еден од сопствениците на куќите чиј двор е поплавен.
–Вишнава ми се исуши овде е се влажно и мислам дека водата ми е навлезена и во темелите на куќата. Се чудам и не можам да разберам ако ми се оштетат темелите кој ќе ми плати за тоа. Треба експресно да дојдат и да го санират дефектот, а не само експресно да доаѓаат кога треба да се платат сметките, вели Карадимче.
После нашата дојава во МЈП „Проаква“ веднаш на терен пристигна екипа од техничката служба на ова претпријатие и направија увид.
–Да не се прави многу еуфорија, дефектот не е голем па во текот на денешниот или утрешниот ден ќе го санираме. Граѓаните при вакви случаи да се јавуваат директно во МЈП Проаква и ние како дежурна служба сме секогаш подготвени да интервенирамне, вели Александар Снегаров од техничката служба на МЈП „Проаква„
Снегаров потенцира дека во летниот период многу се вообичаени вакви дефекти и дека тие ќе направат се за да им излезат во пресрет на граѓаните, но додава дека многупати охриѓани не знаат дали дефектот треба да го пријават во ЈП „Нискоградба“ или во ЈП „Проаква“, па тука губат драгоцено време. Уште еднаш објаснува дека водоводната мрежа и нејзиното одржување е обврска на „Проаква“ а фекалната канализација е обврска на „Нискоградба“.
{loadposition content9}