Чавков: Безбедносната ситуација во Македонија е стабилна
Безбедносната ситуација во Македонија е стабилна, но реални се заканите и предизвиците со кои се соочуваат сите држави од регионот и Европа, истакна директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков на меѓународната конференција за менаџирање со кризни состојби која се одржува во Охрид.
„Менаџмент и преговори во кризни ситуации“ е темата на дводневната меѓународна конференција која се одржува во Охрид. Со цел да се размeнат искуства на меѓународно и регионално ниво, како и да се направи спој меѓу теоријата и практиката, во специјализираната проблематика на полициското работење, директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, посочи дел од најголемите закани по безбедноста.
„Сложени закани предизвикани од променливи форми на насилен екстремизам, тероризам, исламски фундаментализам на прашања поврзани со странски борци и се разбира на состојби кои се специфични за секоја држава посебно. Во тој контекст ние како министерство вложивме значителни напори од 2004 година наваму да ги зајакнеме вкупните наши капацитети за градење на еден тим за преговори во кризни и сложени ситуации тој тим веќе е етаблиран не само на национално туку и на меѓународно ниво“.
Чавков истакна дека нивна интенција е зајакнување на вкупните капацитети на МВР и на регионално ниво, преку стандардизирање на оперативни процедури, организациски форми на донесување одлуки и координација во рамки на МВР. Додаде дека во иднина планираат изградба на регионални центри за гранична полиција, покрај постоечките осум регионални сектори за внатрешни работи, со што сите сегменти во рамки на МВР ќе бидат дел од регионалните капацитети. Што се однесува на актуелната безбедносна ситуација во регионот, Чавков рече дека таа е стабилна, но реални биле заканите и предизвиците со кои се соочуваат сите држави од регионот и Европа.
„Се соочуваме со сложени безбедносни закани, различни непредвидливи или променливи форми на ризици од тероризам, исламски фундаментализам, фактот што има странски борци од Македонија на боиштата во кризните региони, фактот што се враќаат дел од нив, фактот што имавме ефективни истраги е само по себе потенцијал за загрозување кое што треба внимателно и систематски да го следиме, анализираме, превенираме и сузбиваме“.
Самир Мирвиќ, од Дирекција за координација на полициските тела во БиХ смета дека сите земји од регионот се соочуваат со потенцијална безбедносна закана, која пак произлегува од враќањето на лицата кои се бореле на странските боишта во државите од кои потекнуваат.
„Ние во рамките на меѓународната соработка, интензивно и секојдневно правиме контакти со други земји и агенции како што е Интерпол, Европол, Селек од каде прибираме и разменуваме податоци за таквите луѓе и ги преземаме потребните мерки. Доволен е и еден мал инцидент за да дојде до дестабилизација, јас се надевам дека нема, но и со сигурност не можам да тврдам…но потенцијална опасност од такви несакани појави постои“
Конференцијата „Менаџмент и преговори во кризни ситуации“ е во организација на Бирото за јавна безбедност и на Мисијата на ОБСЕ во Македонија. На неа учествуваат полициски експерти од областа на безбедноста од државите во регионот и претставници на академската заедница.