Skip to main content

Човекот е среќен само кога работи

„ Кон среќата“ е најновиот наслов на изложените дела создадени од вредните раце на скулпторот Трајко Дурчовски.

 |  Валентина Неловска  | 
изложба
изложба

„ Кон среќата“ е најновиот наслов на изложените дела создадени од вредните раце на скулпторот Трајко Дурчовски.  Авторот вдахнал уметнички живот на педесетина дела изработени од материјал кој во друг случај би завршил на отпад за старо железо.  Изработил фигури од метал , но и во мешана комбинација метал-дрво, луѓе во работни  акции, како што се спортисти, музичари, ковачи, работници. Меѓу изложените дела има и скулптури поврзани со актуелни теми од нашето секојдневие. Така, меѓу металните фигури Дурчовски изработил  скулптура на инкасатор кој чита електричен  струјомер. За насловот на изложбата авторот открива дека најдобриот начин луѓето да бидат среќни  е кога имаат работа. Најголем број од  луѓето ја достигнуваат среќата само преку трудот, нагласува тој. Иако неговите дела не се продаваат со интензитет од кој би можел добро да заработува сепак е задоволен од ефектот кој го рефлектираат неговите скулптури врз љубителите на уметноста.
 
скулптури„ Јас сум многу среќен затоа што нешто правам, работам, имам што да им покажам на луѓето да видат. Навистина сум среќен. Многу луѓе во Охрид кои ги  посетиле моите изложби кажуваат дека им се допаѓаат скулптурите и им е интересно она што го презентирам. Има позитивни коментари на социјланите мрежи  од уметниците од Чешка и Словачка, ми честитаат, па сето тоа ми прави огромна радост“, објаснува Дурчовски.
 
Промоторот на изложбата  „Кон среќата“, академскиот сликар Славко Упевче, за  делата на Дурчовски вели дека се уникатни. Скулптурите се извонредно инвентивни фигури кои содржат  доза на гротеска, но се оргинални и  препорачува дека се вредни за да се посети изложбата. Уникатноста на делата се состои и во тоа што уметникот создава креации од материјал кој го пронаоѓа во механичарските работилници или во електро сервисите, а во земјава ваквите  уметници се  реткост, напоменува Упевче.

изложба„ Не е многу чест овој вид изработка на фигури затоа што бара исклучителен напор. Скулптурите се швајцуваат, моделираат, брусат  па потоа се патинираат. Навистина со оглед на неговото мало ателје од 2-3 метри квадратни се воодушевив како овој човек твори убави и интересни дела“, рече Упевче.

50-тината изложени уметнички дела Дурчовски ги работел скоро две години. Љубителите на уметноста неговите скулптури може да ги видат до крајот на овој месец во изложбениот простор на Центарот за култура, „ Григор Прличев“. Авторот Дурчовски за својот иден уменички ангажман открива дека веќе осмислува нови идеи. За изработка на уметничките креации планира да употребува друг вид на материјал како што се каменот и жицата.

{loadposition content9}