Skip to main content

Со настанот „Чисто е убаво – Охрид селектира!“ означен почетокот на иницијативата за селекција на отпад во хотелско угостителскиот сектор во Охрид

Игри, позитивна енергија и заедничка порака за чист и убав Охрид. Вака измина настанот „Чисто е убаво – Охрид селектира“ на кој охридските основци преку едукативни активности и забава за сите возрасти на градскиот плоштад, покажаа зошто е важно да не се фрла отпадот во природата. Со ова беше означен почетокот на иницијативата за селекција на отпад во хотелско угостителскиот сектор во туристички Охрид.
 |  инфодеск  | 

Чисто е убаво ! Селектирај! Ова е пораката која охридските основци ја упатуваат до граѓаните и туристите. Викендов на градскиот плоштад тие преку игра, забава и едукативни активности им покажаа на сите присутни зошто е важно да се селектира отпадот и да се чува животната средина.

Со настанот во организација на ЈП „Охридски Комуналец“, со поддршка на Општина Охрид и партнерите SALAR International и Збогум Буково беше означен почетокот на новата иницијатива за селекција на отпад во хотелско угостителскиот сектор во Охрид.

Целта на настанот е да кажеме она што следува а тоа е почеток на пилот проект за селекција на отпад во 9 хотели, потоа треба да се прошири со сите хотели и угостителски објекти на кејот и секако 11 училишта кои се дел од програмата Училишта без пластика. Започнуваме со селекција од страна на граѓаните и бизнисите обврската е да се обезбеди она што им е потребно за да селектираат од страна на институциите , да се обезбеди ефикасни рути по кои ќе се собира тој отпад и од страна на партнерите како Салар се обезбедуваат обуките за едикација на персоналот и тн. Идејата е овие хотели и угостители кои ќе се вклучат во пилот проектот да бидат апсолутно спремни за почетокот на сезоната а тоа понатаму да се прошири и на останатите во Охрид, изјави Драгана Карашова – еко-активистка Збогум Буково.

Основните и средни училишта кои се дел од програмата “Училишта без пластика” се активни партнери на еколошките здруженија во подигнување на јавната свест за селекцијата на отпад и поттикнување поголема вклученост на граѓаните.

Денеска дојдовме со училишниот парламент кој го предводам и со еколошката секција која ја предводат наставничките Габи и Тања и ете имаме една убава прилика да упатиме многу важна порака до граѓаните и градот бидејќи денес екологијата мислам дека е една од најважните задачи на нас наставниците. Мислам дека треба да бидеме едукатори бидејќи патриотизмот според нас наставниците денес се мери со екологија. Патриоти сме онолку колку што го чистиме градот, го сакаме, ја чуваме природата и таа ќе остане на нашите идни генерации, на нашите деца, кажа Александра Петревски – наставничка ОУ „Ванчо Николески“ – Лескоец.

-Нашето училиште е дел од еколошките акции веќе неколку години, селектираме отпад, дел сме од Училишта без пластика каде што собираме пластика и ја шириме свеста за екологија. Посебно е важно бидејќи нашето училиште се наоѓа на брегот на езерото и сакаме да го зачуваме Охридското езеро чисто, – кажа Даниела Шапкароска ОУ „Св. Наум Охридски“ – Пештани.

Огромно е чувството на задоволство и среќа кога ќе ги погледнете овие млади екоамбасадори збрани на едно место, на градскиот плоштад во Охрид преку едукативна, инспиративна и креативна игра да ја пренесат најубавата еколошка порака Чисто е и Охрид е секогаш горд на сета еколошка убавина , сето она што го споделуваат охридките ентузијасти и мисионери кои се дел од проектот Училишта без пластика, изјави Валентина Рубаноска – директорка на ОУ „Св. Наум Охридски“ – Пештани.

-Би апелирал до бизнис секторот во однос на отворање на повеќе фабрики за рециклирање на отпад бидејќи не е само доволна свеста односно собирање на отпадот, секако првенствено е тоа, меѓутоа сепак тој отпад треба да се носи некаде и да се рециклира. Мислам дека како држава тука треба повеќе да водиме сметка во однос на рециклирањето на отпадот и нормално собирање оддено на пластиката, стаклото, хартијата, кажа Тони Симоноски – наставник ОУ „Христо Узунов“ Охрид.

Иницијативата за селекција на отпад во хотелско угостителскиот сектор има цел да покаже дека туризмот и одржливоста, туризмот и грижата за животната средина и треба да одат рака под рака.