Skip to main content

CNN: Македонија скриен бисер во Јужна Европа

Планини, разновидна кујна, сончева клима и езеро кое одзема здив — CNN ја препорача Северна Македонија како дестинација која заслужува многу повеќе туристичко внимание.
 |  инфодеск  | 

Американскиот медиум CNN ја вброи Македонија меѓу дестинациите што заслужуваат поголемо внимание од туристите, истакнувајќи ја како скриен бисер во Јужна Европа.

Во својата рубрика CNN Travel, медиумот наведува дека иако повеќето туристи се насочуваат кон популарни земји како Франција, Шпанија и Италија, Европа нуди многу повеќе за истражување.

Македонија е опишана како „драматично планинска дестинација“, северно од Грција, со импресивни природни пејзажи, бујни зелени падини, планински врвови. Посебно внимание се посветува и на разновидната кујна, која се менува од регион до регион и нуди богати вкусови.

CNN ја издвојува и поволната клима во земјата, која придонесува за производство на квалитетен и сочен зеленчук, како и за развој на лозарството и производство на богати вина. Овој вид промоција може значително да придонесе за афирмација на Македонија на светската туристичка мапа.

Статијата е илустрирана со фотографија на Св. Јован Канео над Охридското Езеро, една од нафотографираните цркви на Балканот и најпрепознатливите визуелни симболи на Македонија и пошироко.