Skip to main content

православен календар

Денес е Црковна Нова година, почеток на новиот богослужбен циклус и порака за духовна обнова

Овој ден го означува почетокот на новиот богослужбен циклус и потсетува на Христовото проповедање за „благопријатната година Господова“.
 |  инфодеск  | 

Македонската православна црква – Охридска архиепископија и другите православни цркви, кои се водат според јулијанскиот календар денеска ја одбележуваат Црковната нова година. Овој ден го означува почетокот на новиот богослужбен циклус и потсетува на Христовото проповедање за „благопријатната година Господова“.

Празникот, востановен на Првиот вселенски собор во Никеја во 325 година, носи порака за духовна обнова, мир, љубов и исполнување на христијанските добродетели.

За значењето на Црковната нова година и нејзините корени разговараме со архимандрит Иринеј, кој вели дека на овој ден се спомнува за еден настан од земниот живот на Исус Христос.

-14 септември според световниот календар, наречен уште и нов или григоријански е 1 септември според црковниот календар, наречен уште и стар или јулијански. Така што, за Црквата тој датум е првиот ден од месецот септември, и така ќе го сметаме понатаму во објаснувањата што следуваат. Значи, на првиот ден од септември (по стар стил) се празнува црковната нова година. На овој празник си спомнуваме за еден настан од земниот живот на нашиот Господ Исус Христос – вели отец Иринеј во разговор за МИА.

Имено, во времето кога се празнувала Новата година во Јудеја и по целата вселена, Господ Исус Христос дошол во Назарет, каде што пораснал. Тоа било во сабота, а во тој ден Евреите имале обичај да се собираат во синагогата и да го поминуваат времето во читање на пророчките книги.

Господ, „по Својот обичај“, продолжува отец Иринеј, исто така влегол во синагогата и застанал меѓу учителите. Му ја подале книгата на пророкот Исаија и Тој, откако ја отворил книгата, го нашол местото каде што е напишано: „Духот Господов е врз Мене, зашто Господ Ме помаза да им благовестам на бедните, Ме испрати да ги исцелувам скрушените по срце, да им проповедам на заробените ослободување и на затворениците отворање на темницата, да ја проповедам благопријатната година Господова“.

-И, откако ја затворил книгата и му ја предал на служителот, Тој почнал да кажува дека прочитаното пророштво се исполнило во Него, дека Тој е вистинскиот Месија, испратен од Бог Отецот за спасение на луѓето и обновување на нивниот живот. „И сите Му посведочија, и се восхитуваа на благодатните зборови што излегуваа од устата Негова“ -читаме кај светиот апостол и евангелист Лука – вели Иринеј.

Празникот бил востановен на Првиот вселенски собор во Никеја, во 325 година

Архимандрит Иринеј појаснува дека овој празник бил востановен на Првиот вселенски собор во Никеја, во 325 година. Тоа било во времето кога светиот цар Константин Велики, ја просветлил вселената со светлината на побожноста, ги искоренил идолските празнувања и ја ослободил Христовата вера од тешките прогони.

Тогаш светите отци одредиле да се празнува Новата година како почеток на христијанската слобода, во спомен на Христовото посетување на еврејската синагога на овој ден и на Неговото проповедање за благопријатната Господова година.

-А ова веќе не е празник на Стариот Завет, туку на новата благодат, на Новиот Завет, вели отец Иринеј.

Црковната Нова година – почеток на индиктот

Архимандрит Иринеј појаснува дека денес во црковен контекст, со зборот индикт се означува годишниот круг на богослужби, а први септември (по стар календар) е почетокот на тој богослужбен циклус.

Тој додава дека потеклото на зборот индикт е латинско и се смета дека значи „објава“, а се мисли на проглас за собирање на даноци во Римската империја.

-Индиктот тогаш означувал период од петнаесет години. Во текот на еден индикт трипати биле собирани даноците, односно еднаш во пет години. Означувањето на индиктот било вклучено и при бележењето на датумите, на пример: „прв ден од месец септември, индикт 12, година 6508 од создавањето на светот“. Притоа, светите отци нагласуваат дека ние не го празнуваме индиктот што го востановиле римските цареви, туку „оној што го озакони Небесниот Цар на славата – Христос“ – вели отец Иринеј.

За тоа зошто токму септември е месецот кога почнува црковната Нова година, Иринеј појаснува дека месецот септември, како што кажува неговото име (septem на латински значи „седум“), првично бил седмиот месец во годината, октомври (од octo – на латински: осум) значи осми месец, ноември деветти (од novem – на латински: девет), а декември десетти (од decem – на латински десет). 

Првиот месец во годината бил март, а годината имала десет месеци. Подоцна се додадени уште два месеца пред март, па тогаш септември станал деветтиот месец, од вкупно дванаесет.

-Уште во Стариот Завет, Господ Бог, Царот на вековите, Кој „ги постави времињата или годините во Своја власт“, востановил различни празници за Своето прославување и за одмор на луѓето од нивните световни работи. Тој заповедал секоја година особено да се празнува настапувањето на седмиот месец, за луѓето, ослободени од животната суета, во тој ден да Му служат Нему. И така е напишано во книгите Мојсееви: „Му рече Господ на Мојсеја, велејќи: Кажи им на синовите Израилеви: во седмиот месец, во првиот ден од месецот, да имате одмор… никаква работа да не вршите во тој ден, туку принесувајте Му на Господа жртви сепаленици“. И уште: „во седмиот месец, кога ќе ги соберете плодовите на земјата, празнувајте го празникот Господов“ – вели архимандрит Иринеј.

Во седмиот месец, додава тој, Ноевиот ковчег запрел на планината Арарат, во овој месец пророкот Мојсеј слегол од гората, носејќи ги новите плочи на Законот и започнало устројувањето на Скинијата, во овој месец се извршило свеченото осветување на величествениот Господов храм, изграден од царот Соломон, а во храмот бил внесен Ковчегот на Заветот; во истиот овој месец првосвештеникот, само еднаш во текот на целата година, влегувал во Светињата над светињите, „не без крв, која ја принесувал за себе и за гревовите на незнаењето на народот“; во овој месец Божјиот народ, смирувајќи ги своите души со пост и принесувајќи Му на Господа жртва сепаленица, примал очистување од своите гревови, сторени во текот на изминатата година.

За тоа како се одбележува почетокот на новата црковна година, архимандрит Иринеј, вели дека тоа најдобро го објаснува самата богослужба и молитивите кои тој ден се упатуваат.

-На кој начин го доживуваме и разбираме почетокот на новата црковна година најдобро објаснува самата богослужба на тој ден, во која е предвидено да ги додадеме и овие прозби упатени кон Господа: да го благослови почетокот на оваа година, со благодатта на Своето човекољубие, да ни дарува мирни времиња, благопријатен воздух и безгрешен живот, во здравје и изобилие, да ги отстрани од нас сите душепогубни страсти и развратни обичаи, да обнови во нашите срца вистински дух и да нè укрепи во православната вера, да нè направи брзи во правењето добри дела и исполнувањето на Неговите заповеди, да го благослови со Својата добрина венецот на годината што настапува, да ги прекрати меѓу нас сите непријателства, немири и меѓусебни борби, а да ни даде мир, силна и нелицемерна љубов, правилно служење и добродетелен живот – вели архимандрит Иринеј во разговор за МИА. 

Извор: МИА