Skip to main content

Црвен Крст на Македонија им додели плакети на градоначалниците на Охрид и Дебрца по повод 80 годишниот јубилеј

Учиме од минатото и постигнувањата на плејадата волонтери кои низ текот на 80 години дале придонес за развојот на организацијата на Црвен Крст на Македонија и подобрување на животот на ранливото население во земјава и создаваме нови програми и нови генерации волонтери посветени на хуманта мисија. Ова беше истакнато на свеченоста по повод јубилејот 80 години од основањето на Црвениот крст, која се одржа во Охрид. На свеченоста на која присуствуваше Претседателот на Црвен крст на Македонија, беа презентирани активностите на Црвен Крст Охрид и беа доделени јубилејни плакети на градоначалниците на Охрид и Дебрца.
 |  Маја Савиќ  | 

Црвениот крст на Maкедонија годинава ја одбележува 80 годишнината од постоењето. За тоа како денеска изгледа Црвениот крст на Македонија, со неговата големина и успешност, има многу придонесено Општинската организација на Црвен крст Охрид која е една од најуспешните во државата , истакна Претседателот на Црвен крст на Македонија, Проф. д-р Ромел Велев.

Успешноста во справувањето со предизвиците во обезбедување хуманитарна поддршка на луѓето изложени на ризици и кризни состојби многу зависи од соработката со општините, истакна Проф. Велев, кој во името на организацијата им додели јубилејна плакети на градоначалниците на општините Охрид и Дебарца, Кирил Пецаков и Зоран Ногачески.

„ Голем број наши активности се поврзани со луѓе коишто се нашле во некакви незавидни ситуации, без помош од градоначалникот како татко на општината сите овие активности не би моежел да ги спроведеме. Таму кадешто имаме можност, или општината има можност тука правиме проекти како за бездомни лица, за луѓето во посебен социјален ризик, но важно е дека општините во најголем дел се свесни за потребата од хумано дејствување и имаме добра соработка на ниво на целата држава.“ – кажа Проф. д-р Ромел Велев – Претседател на Црвен крст на РСМ.

Околу 1000 волонтери, активисти, членови на Црвен Крст Охрид ги спроведуваат активностите и ги реализираат проектите на територија на општините Охрид и Дебрца,посветени на мисијата да помогнат секаде каде што е потребно. Се трудиме да ги привлечеме сите хумани луѓе со добронамерни идеи и иницијативи и успеваме во тоа, вели Претседателот Сашо Точков.

„ Ние сме посебни и уникати, иако можеби звучи нескромно, заради оние програми коишто ги работиме, а кои на некој начин излегуваат од класичниот шаблон на дејствувањето на Црвениот Крст. Црвен Крст Охрид е посебна организација не само сега, наназад години, самото поднебје, самиот туристички центар дозволува да бидете креативни и да вложувате во хумани идеи. Голем број волонтери, активисти, безимени и имени во текот на овие 80 години дале свој печат и придонес и токму на овие настани им оддавем на некој начин почит и внимание на сите нив да се препознаеме во нив, не само во минатото туку и во сегашноста и иднината. “ – кажа Сашо Точков – Претседател на Црвен Крст Охрид.

Активностите и програмите на Црвен Крст Охрид се бројни и се однесуваат на секоја сфера каде е неопходна помош и поддршка, но и едукација и социјализација. Но она што го прави посебен охридскиот Црвен Крст , а што го издвоија како посебна придобивка за целиот регион градоначалниците на Охрид и на Дебрца е Планинската спасителна служба и Оперативниот центар со СОС број за 24 часовна поддршка на територија на 5 општини.

„ Праксата покажа дека онаму кадешто досега сме соработувале без оглед во каква форма била активноста или настанот кој го организираме заедно секогаш донесло позитивни промени во заедницата. Еден од проектите коишто отпочнал во соработка со Црвен Крст и ЕУ од денешен аспект го финансира општината е Планинската спасителна служба (ПСС) е нешто коешто ние како Охрид можеме да се гордееме на ниво на цела Македонија.“ – кажа Кирил Пецаков – Градоначалник на Охрид.

„Посебно можам да потенцирам дека заедно со Црвен Крст и Планинската спасителна служба и Алпинистичкиот клуб Патагонија во рамките на програмата на ЕУ за прекугранична соработка реализиравме прекуграничен проект за едно со општина Грамш од Албанија , проект во кој акцентот го ставиваме врз градење на капацитети за авантуристички планински туризам со акцент на безбедноста.“ – кажа Зоран Ногачески – Градоначалник на Општина Дебрца.

Пецаков и Ногачески истакнаа дека ќе ја зајакнуваат воспоставената соработка со Црвениот крст и заедно ќе градат поотпорна, похумана заедница во која никој нема да биде изоставен и која ќе биде поправедна за сите.

Во Охрид по повод 8 деценискиот јубилеј на 13 јуни ќе се одржи и Свечена академија. А во текот на целата година ќе бидат организирани низа настани под мотото “Ние гледаме луѓе” апострофирајќи ја основната заложба на Организацијата на Црвен крст да се грижи за луѓето и да го штити човековото достоинство.