Skip to main content

Положени букети свежо цвеќе на бистата на А. Динан

Црвен Крст Охрид го одбележува Денот на Црвениот крст и Црвената полумесечина

8ми мај е роденденот на основоположникот на идејата за најголемата светска хуманитарна организација, Анри Динан. Пред неговата биста денеска беа положени букети свежо цвеќе. Охридскиот Црвен крст е една од најуспешните организации во државава и има најголем број волонтери кои ја шират мисијата на ова движење.
 |  инфодеск  | 
Црвен Крст Охрид

Со положување свежо цвеќе на спомен бистата на големиот хуманист Анри Динан денеска охридскиот Црвен крст оддаде почит кон основоположникот на најголемата хуманитарна организација во светот. Денеска на неговиот роденден се одбележува Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина.

Пред спомен обележјето на Динан, кое е единствено во земјава пред седиштето на охридскиот Црвен крст, се поклонија претставници и волонтери од Црвен крст Охрид и Црвен крст на Репбулика Македонија и претставници од Советот на Општина Охрид.

Претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков, вели дека општинската организација се вклучува во глобалната кампања на Меѓународната Федерација на друштвата на Црвен крст и Црвена полумесечина која се одвива под мотото ”ОД СРЦЕ”.

„ Остануваме посветени на идејата на хуманоста, солидарноста, продолжуваме со такви хумани активности за помош на ранливата категорија на граѓани, на сите оние на кои им е потребна помош.“– вели Точков.

Точков додава дека постојано работат на тоа со бројни активности да привлечат што поголем број волонтери кои ќе ја шират химаната мисија и засега нивната бројка е околу илјада.

„Важиме за организација којашто има најголем број волонтери, од редот на младите имаме преку 500 луѓе, тука е групата за поддршка на стари лица, но и секој оној кој е добронамерен и ја вреднува хуманоста, солидарноста, толеранцијата, се тоа може да се најде во Црвен крст, да се научи и да се биде дел од оваа организација, се со цел да се најдеме на оние на кој име најпотребна помош.“ -додава Точков.

Интересот кај младите да бидат волонтери е голем, вели претседателот на охридскиот Црвен крст. Посочува дека тоа може да се види од низата активности од циклусот ПХВ каде преку сто волонтери од редот на младите изработуваат проекти. Во 2022 година Црвен крст Охрид се закити со пехар за најуспешна организација на ниво на државата.

Денеска во седиштето на Црвен крст Охрид беше организиран Отворен ИНФО ДЕН и прием за децата од предучилишните установи и учениците од основните училишта во Охрид, каде преку промотивни материјали и видео проекции се запознаваа со мисијата на движењето на Црвениот крст, со активностите на Црвен крст Охрид и како се станува волонтер. Во Неделата на Црвен крст од 8ми до 15 мај, ќе се одржуваат работилници за дисеминација- Ширењето на знаењата за Црвениот крст со волонтерите на општинската организација.