Традицонална предновогодишна средба на членовите и волонтерите на Црвен крст Охрид со своите поддржувачи, соработници и пријатели. Средбата беше можност за дружба и благодарност до сите кои изминативе години беа дел од многу успешни проекти на Црвениот крст.
„Како Црвен крст исклучително сме задоволни од она што го постигнавме изминатата година. Пред се зборувам за делот на кампањите за првата помош, кампањите за сексуално преносливи болести, трговија со луѓе, на сите едукативни програми. “ – изјави за ТВМ Сашо Точков, претседател на Црвен Крст Охрид.
Точков потенцира дека не се задоволни од тоа што во нашиов регион се зголемува бројот на социјални случаи. Се зголемува и притисокот и потребата за најразлична помош. Но, тие секогаш се подготвени да одговорат на предизвиците и да изнајдат начини да одговорат на барањата на социјално загрозените семејства.
„Апелираме до луѓето да го пронајдат волонтерот во себе, да ја пронајдат хуманоста, ние сме тука на располагање и да помагаме онаму кадешто е најпотребно.“ – вели Точков.
Изминатата година Црвен крст Охрид успешно реализира повеќе проекти, а како најуспешен и на кој најмногу се горди е проектот кој го реализираат заедно со НП Галичица, поддржан од ПОНТ, за што добија и јавно признание од Фондот за природа Охрид – Преспа.
„Тоа е проект за заштита на пештерите и на видовите животни којшто се специфични во НП Галичица, за тоа се вклучени голем број волонтери, голем број стручни луѓе којшто работат со нас како партнери и навистина имаме голем успех до сега во она што го сработивме, а се надевам дека истото ќе го продолжиме и наредната година “ – изјави Точков.
Пронајдете го волонтерот во себе, разбранувајте ја хуманоста и бидете дел од најголемото хуманитарно движење во светот, за да може да помогнеме на луѓето кои се во некаков ризик, порача Точков.