Skip to main content

Низа активности

Црвен Крст Охрид во чест на Анри Динан

Со низа активности, општинската организација на Црвен крст ќе го одбележи Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина. 8-ми мај е роденденот на основоположникот на идејата за ова хуманитарно движење, Анри Динан. Пред бистата на Динан, делегација на Црвен Крст Охрид положи свежо цвеќе.
 |  инфодеск  | 
Црвен крст

Делегација на Црвен крст Охрид положи свежо цвеќе пред бистата на Анри Динан пред седиштето на организацијата. Големиот хуманист Анри Динан, основоположник на идејата за Движењето на Црвениот крст е роден на 8-ми мај 1828 година. Во негова чест овој датум се одбележува како Светски ден на Црвен крст и Црвената полумесечина. Охридската организација по тој повод ќе спроведе низа активности.

Во вторник ќе се спроведе крводарителска акција во Факултетот за туризам и угостителство наменета за студенти и за сите граѓани. Во среда ќе се одржи инфо ден кога пред дечињата од градинките и заинтересирани граѓани ќе ги промовираме нашите активности и ќе имаме голема продажна хуманитарна акција на 14-ти мај во сабота, а собраните средствата ќе бидат донирани за деца од социјално загрозени семејства и мигранти од Украина – истакна Весна Терзиоска, потпретседател на Црвен крст Охрид.

Весна Терзиоска

Црвен Крст Охрид има многу алатки за регрутирање на млади лица волонтери и интересот за волонтирање во организацијата во континуитет е голем, вели Терзиоска.

Интересот е голем. Во моментов тече проектот на ПХВ, каде младите во групи изработуваат четири проекти со кои ќе се помага на социјално загрозените семејства, ја подигнуваат еколошката свест и го градат интеркултурното општество преку работилници за промоција на мир и соживот. Се обидуваме да ги задржиме младите волонтери и да им ги дадеме потребните алатки за да може да функционираат и да направиме подобро општество за сите – кажа Терзиоска.

Анри Динан

Терзиоска открива дека бистата на Анри Динан во Охрид е единствена во државата и истата е донесена од Женева како подарок од неговото семејство. Таа најави дека во следниот период делегација од ОО Црвен крст Охрид ќе ја посети Женева каде ќе оддаде благодарност за донацијата.