Црвен крст Охрид и Операција Флориан спроведуваат специјализирани обуки за спасување и прва помош

Во организација на Црвен крст Охрид, а во рамки на долгогодишната соработка со Операција Флориан од Манчестер, Англија, во тек се интензивни специјализирани обуки за спасување и справување со кризни состојби.

Обуките започнаа на 17 мај и ќе траат до 30 мај, а ги спроведуваат 15 инструктори од Операција Флориан. Во нив учествуваат членови на тимовите за укажување прва помош на Црвен крст Охрид, спасители на вода, членови на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид, претставници на Националниот сојуз за планинско спасување во Македонија, како и членови на Територијалната противпожарна единица од Охрид и доброволните противпожарни друштва.

Обуките опфаќаат основна и напредна прва помош, специјализирани техники за спасување на вода, управување со моторен чамец и извлекување давеници, дејствување при поплави, како и пребарување и спасување на планина и на непристапни терени.



Од Црвен крст Охрид информираат дека целта е унапредување на подготвеноста и координацијата на спасувачките служби при интервенции во услови на несреќи и природни катастрофи.
Соработката помеѓу Црвен крст Охрид и Операција Флориан започнала во 2010 година и, како што посочуваат од организацијата, во изминатите 15 години прераснала во силно партнерство кое значително придонесува за подобрување на капацитетите за спасување и справување со ризици и кризни ситуации.






