Skip to main content

Црвен крст: Скокачите по крстот да бидат внимателни, температурната разлика на воздухот и водата во езерото голема

Пријавувањето за чинот на скокање во осветените води започнува од утре. Свештените лица бараат поголемо присуство на верниците во светите храмови.

 |  Мишел Наумоски  | 
fakac na krst
фаќач на крст

 

8,2 степени целзиусови ќе изнесува температурата на водата во Охридското Езеро за големиот христијански празник Богојавление-Водици. Истата ќе биде дури за 1,3 степени пониска од лани кога, водата во езерото имаше температура од 9,5 степени целзиусови. Температурата на воздухот значително потопла и ќе изнесува од 7 до 8 степени. Токму ваквите температурни разлики според Сашо Точков од Црвениот крст може да бидат опасни за капачите. Порача тие да бидат особено внимателни.

Vodici saraiste„Треба да се внимава при влегување во водата, сите оние кои чувствуваат слабост, кои се здравствено дијагностицирани со некоја болест, да не влегуваат, или ако влегуваат во водите на езерото, да го прават тоа кратко. Сакам да напоменам дека при физичка активност во вода, температурата на телото рапидно се намалува, исто да не консумираат алкохол во големи количини, алкохолот десеткратно ја намалува телесната температура на организмот.“-вели Сашо Точков од Црвениот крст-Охрид.

Точков вели дека овие препораки се во насока на спречување на појава на хипотермија, односно намалување на телесната температура кај капачите под 35 степени. Сепак покрај претпазливоста кај капачите, потенцира дека Црвениот крст ќе има распоредено по десет тимови за укажување на прва помош на копно и во вода, каде што евентуалните инциденти би се третирале. Нуркачите од центарот „Амфора“ заедно со екипи од Црвениот крст, ќе го чистат дното на охридското пристаниште поради безбедност на капачите.
Според Димитри Пендов од здружението „Богојавление“ и годинава ќе ги има голем број лица кои ќе скокаат по светиот крст.

„Пријавувањето започнува од утре, во ресторанот „Св.Софија“ сите може да се пријават, каде што ќе добијат купон со кој ќе можат да си ги подигнат маичките. Минатата година имавме 1150 пријавени, се надевам дека и оваа година бројката ќе се движи околу 1100-1200 скокачи.“-изјави Димитри Пендов од здружението „Богојавление“.

skokaci po krstСвештените лица пак очекуваат масовно посетување на светите храмови во градов во понеделник.

„Во сите храмови во Охрид, во понеделник, на самиот ден Богојавление, во 8 часот, започнуваат светите божествени литургии. Оттука ние како православни да земеме активно учество во самите литургии, односно во храмовите на таа заедничка молитва која е од големо значење за спасение на нашите души во сите времиња како што било, така и оваа година, дај боже да не има што повеќе во храмовите, а од храмовите се поаѓа на самиот ден кај езерото, на пристаниште, сите здружени, од сите цркви, ќе се изврши односно доврши започнатиот веќе богојавленски водосвет кој што ќе се одвива во црквите.“-рече отец Љупчо Симиџиоски.

Инаку во сабота точно на пладне, ќе се изврши примопредавање на кумството во црквата „св.Никола Геракомија“. Во недела пак, со почеток од 19 часот помеѓу Капетанија и ресторанот Чун ќе се прават превентивните прегледи на скокачите по светиот крст.

{loadposition content9}