Црвениот крст од Словенија, на гости кај колегите од Охрид
Се запознаа со спецификите, нивото на техничка и кадровска опременост, со цел да соберат позитивни искуства од Македонија.
Македонската организација на Црвениот крст е една од најдобрите во светот. Нема подобар доказ за тоа од бројните соработки кои нашата национална, но и општинските организации ги имаат со колеги од целиот свет. Денес, во посета на Охридскиот Црвен крст беше делегација од националната организација на Црвениот крст од Словенија.
За нив, фактот што Македонскиот црвен крст е првата организација која ја положила меѓународната проверка со одлични оцени е мотив повеќе да се споделат искуствата. Велат дека ова е првиот чекор за да се надомести заостанувањето кое го имаат зад Македонскиот Црвен крст од технички, теоретски и кадровски аспект.
„Тука во Охрид особено не интересираат програмите за спасување кои ги имаме и ние на нашиот брег, а гледаме дека сте тука технички и стручно, добро подготвени и програмите за работа со млади, кои кај нас сеуште ги немаме така да ќе видиме како оваа пракса „БрејнОБрејн“ ја работите во вашата организација.“-рече Даниел Старман, генерален секретар на Црвениот крст од Словенија.
Ваквите посети и соработки според претседателот на Македонскиот Црвен крст, Милчо Трајков се во насока на приближување на активностите на националните организации на Црвениот крст, а особено со колегите од Балканските организации.
„Посетата на Словенечкиот Црвен крст, на чело со генералниот секретар, Даниел Старман, е последица на желбата за приближување и поблиска соработка меѓу двете национални друштва. Ние во Септември во Љубљана потпишавме договор за соработка каде што ги ставивме контурите на соработката и нашите заеднички политики во иднина. Целта на оваа посета е понатамошна размена на искуствата, спецификите во националните друштва во Словенија и Македонија, секако и проблемите, а и оние излезни решенија со коишто се соочуваме ние како национални друштва.“-вели Д-р Милчо Трајков, претседател на Црвениот крст од Македонија.
И Старман и Трајков согласни дека охридската организација на Црвениот крст е една од најдобрите во државата, и една од најподготвените. Токму затоа велат и одлучиле да се состанат тука, каде што имаа можност и да видат со што располага охридскиот Црвен крст и како стручен кадар, но и како инфраструктурна и техничка опременост.
„По нивните реакции беа навистина импресионирани од нашата специфика како организација, што работиме, делот за спасување на вода, спасување на планина. Можевме да презентираме и наши програми како што е „БрејнОБрејн“ програмата и детскиот час за приказни во кои што навистина препознаа нешто што би сакале да го пренесат и во нивните средини, во општинските организации на Црвениот крст во Словенија. Секако ние стоиме на располагање и токму тоа беше целта и интенцијата на овој состанок, да размениме искуства, да ние од нив привлечиме некои карактеристични активности, а тие исто така од нас да повлечат и да применат во нивните средини.“-изјави Сашо Точков-претседател на општинската организација на Црвениот крст од Охрид.
Точков додаде дека оваа средба нема да биде само работна, туку и дека гостите од Словенија ќе имаат можност да ги видат и убавините на Охрид. Инаку, само за информација, националната организација на Црвениот крст од Македонија, на меѓународното тестирање според остварените резултати го зеде високото четврто место во светски рамки, што се разбира е огромен успех и доказ за сработеното. Нашите гости од Словенија, минатата година биле 16ти.
{loadposition content9}