Црвен Крст Охрид ќе спроведе бесплатни обуки по прва помош за околу 500 ученици
Во рамки на националната кампања на Црвен крст на РСМ под мотото „Првата помош спасува живот“ Црвен крст Охрид, оваа година се вклучува со спроведување на кампања по прва помош во училиштата. Така, во период од 01.09.2023 до 15.02.2024 ќе се спроведат бесплатни обуки по прва помош за околу 500 ученици на возраст од 12 до 18 години од сите основни и средните училишта на територијата на Општинa Охрид и Општина Дебрца, како и бесплатни обуки за наставен кадар. Обуките ќе ги спроведуваат лиценцирани предавачи и демонстратори по прва помош.
Денеска се одржа првата обука во рамките на оваа кампања на Црвен крст Охрид, со која беше опфатен наставнички кадар од сите основни и средни училишта од општините Охрид и Дебрца.
Црвен крст Охрид долгогодишно активно работи на планот на унапредување и развој на дејноста во делот на првата помош, сега со посебен придонес во образовните институции каде уште од најмала возраст се обучуваат младите како правилно да укажат помош таму каде што е потребна. Првата помош е непроценлива животна вештина која децата треба да ја надоградуваат во текот на животот.