Skip to main content

Црвен крст Охрид

Светски ден на волонтерството: Црвен крст Охрид со признанија за волонтерите и крводарителите

Црвен крст Охрид денес го одбележува Светскиот ден на волонтерството
 |  инфодеск  | 

Денес, 5-ти декември Црвен крст Охрид традиционално го одбележува Светскиот ден на волонтерството во знак на благодарност и оддавање признание на волонтерите за нивниот придонес, значење и улога во зајакнување на нашите заедници, но и за промовирање на волонтерството и поттикнување на институциите и граѓаните да ги поддржат напорите на волонтерските организации.

– На годинешниот Светски ден на волонтерство, под мотото „Секогаш присутни во нашите заедници“, ставаме акцент на оддавањето на признание за придонесот на нашите волонтери кои припаѓаат на сите генерации, од најмладите до највозрасните, кои во духот на хуманоста обезбедуваат поддршка за спроведување на бројни активности наменети за најразлични корисници на нашите услуги. Нагласуваме дека Црвениот крст е отворен за добронамерни луѓе од сите возрасти кои својата емпатија, желба, цел и амбиција сакаат да ја посветат на нашите хуманитарни активности, одвојувајќи дел од своето слободно време, дел од себе, од својата стручност, професионалност, за помош на ранливите категории. Во таа насока добредојдени се и советниците од Советот на општина Охрид кои изразија желба да волонтираат и денес ќе можат да бидат волонтери, подготвувајќи и доставувајќи хуманитарни пакети со прехрамбени производи и средства за хигиена на дел од социјално загрозените семејства во Охрид, потенцираат од Црвен крст Охрид.

Оваа година, на одбележувањето на Светскиот ден на волонтерството, велат, го истакнуваат и крводарителството, оддавајќи признание на крводарителите, кои волонтерски, доброволно и без надомест ја даруваат својата најдрагоцена течност-крвта, за да спасат човечки животи.

Промовирање, развој и унапредување на крводарителството на територијата на општините Охрид и Дебрца е заложба која Црвен крст Охрид континуирано, совесно и посветено ја спроведува во текот на цела година. Како резултат на хуманоста на крводарителите, постојаната ангажираност на вработените и волонтерите на Црвен крст Охрид и службите за трансфузиона медицина, преку организирање на крводарителски акции во текот на годината, се задоволуваат потребите од крв и крвни продукти за пациентите кои се лекуваат во здравствените установи во нашиот град, велат во нивното соопштение.

Истакнувајќи го значењето на волонтерската активност и дејствување, и волонтерството како глобален феномен и фундаментална човечка вредност која ги развива основните постулати на граѓанското општество: почитување на разликите, хуманоста, одговорноста за други, одговорноста за своето мислење, одговорноста за својот избор, на овој Светскиот ден на волонтерството, од Црвен крст Охрид упатуваат честитки, благодарност и почит кон сите волонтери, крводарителите, поединци, фирми, институции кои го поттикнуваат, поддржуваат волонтерството, кои го унапредиле развојот на крводарителството во Охрид и Дебрца и ги покануваат на пригодна свеченост во просториите на Оперативниот центар на Планинската спасителна служба на Црвен крст Охрид (кај новата автобуска станица), денес со почеток во 12 часот на која ќе бидат доделени соодветни признанија на заслужни волонтери, крводарители.