Црвениот двокатен автобус повторно ќе го гледаме низ градов
Од наредниов месец двокатниот автобус повторно ќе биде ставен во функција. Тој една година не беше во возна состојба поради хулиганското однесување на несовесни граѓани кои целосно го демолираа. ЈП „Билјанини извори“ плати 100 000 ден за негова поправка.
Црвениот двокатен автобус повторно ќе го гледаме низ градов. Од наредниов месец тој ќе биде ставен во функција. Панорамскиот автобус веќе една година не беше во возна состојба поради хулиганското однесување на несовесни граѓани кои целосно го демолираа.
Минатата година кога автобусот го извадивме во месец мај несовесни граѓани, посетители на клубот СЏ кој се наоѓа во рамките на СРЦ Билјанини извори го искрши со бекатон плочки и целосно го демолира, објаснува директорката на ЈП „Билјанини извори“, Гордана Јованоска.
Директорката на „Билјанини извори“ објаснува дека автобусот бил речиси цела година на сервис бидејќи состојбата му била навистина лоша. Искршена била шофершајбната и останатите стакла, уништени биле крилата.
ЈП „Билјанини извори“ плати 100 000 ден. За негова поправка. Ние уште се тужиме со сторителот и стигнавме до извршно решение, но сеуште немаме конечна пресуда по што треба да ни ја плати штетата, објаснува Јованоска.
Инаку, Охрид овој двокатен панорамски автобус го доби уште во 2013та год. како подарок од Владата на РМ. Тој има капацитет од 60 седишта, а неговата намена е да ги промовира туристичките вредности на градов. Се употребува за превезување на туристите од еден до друг туристички локалитет. Линија за автобусот нема со оглед дека се работи за слободен превоз. Едно изнајмување на двокатниот автобус на релација Охрид- Заливот на коските чини 4 500ден. Најзаинтересирани за негово користење се гостите од Холандија кои сакаат Охрид да го разгледаат панорамски.