Skip to main content

Цветков: Пастрмката сеуште ја нема доволно во Охридското Езеро

Пастрмката сеуште ја нема доволно во Охридското Езеро. Министерството за земјоделие годинава издвои 10 милиони евра за порибување на езерото со поголем број подмладок на пастрмка. Но, според министерот за земјоделие, по се изгледа дека и тоа нема да биде доволно, бидејќи останува проблемот дека пастрмката од нашата страна е заштитена согласно законот за рибарство, додека пак во соседна Албанија сеуште не постои закон во тој дел.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Охридското Езеро ќе се порибува со 2 200 000 помладок пастрмка. Годинава Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, за таа цел издвои 10 милиони евра. Министерот Михаил Цветков, истакна дека досега ова е најголема количина на риба што ќе биде фрлена во езерските води и нагласи дека од година во година тој тренд ќе расте.

„Секако гледате дека фрламе голем број на рипчиња…но реалноста кажува дека немаме многу пастрмка во Охридското Езеро. Јас на стручните лица ги прашав колку од фрлените два милиони и нешто пастрмка остануваа, …ми рекоа дека ако останат 100 000 тоа е доволно. Но проблемот е во тоа што езерото не е само наше туку и на соседна Албанија. Јас имав средба со министерот за земјоделие од таму, ние се договаравме за заштита на пастрмката, но за жал  од албанската страна сеуште нема закон за рибарствo“ – истакна Цветков.

Директорката на Хидробиолошки Завод Елизабета Сарафилоска појасни дека порибувањето започнало на 2 Август и дека до денес биле фрлени околу 1 600 000 единки подмладок на охридската пастрмка.

„Порибувани се оние локалитети од каде што всушност е колекционирана самата риба, односно икрата…тоа се местата Пештани, Трпејца, Охрид, Калишта, Радожда и Струга“ – вели Сарафилоска.

Порибувањето на езерото со охридска пастрмка го врши Хидробиолошкиот Завод. Ресорното министерство плаќа 4 денари по парче кое ќе биде фрлено во езерските води. Тоа го контролира државниот инспекторат за земјоделие.