Д-р Влаши Хиса: Св. Климентовата повелба чест и мотив за вложување во професијата која ме прави среќна
Возвишено е чувстото да се добие највисоката општинска награда која иствремено е награда за мене, моето семејство и колегите, вели за Св. Климентовата награда гинекологот Мимоза Влаши Хиса. Таа е една од тројцата годинешни добитници на највисоката општинска награда Повелбата за особени заслуги. Д-р Мимоза важи за пожртвуван лекар, мајка и сопруга која посветено и совесно се грижи за здравјето на жените, мајките и новороденчината во охридската болница.
Гинекологот д-р Мимоза Влаши Хиса е една од тројцата годинешни добитници Св Климентовата Повелба за особени заслуги. Покрај сите предизвици и потешкотии кои ги носи нејзината хумана професија, таа вели дека и по 2 децении ја чувствува истата љубов и елан при доаѓањето на нов живот на свет. Наградата ме прави неизмерно горда, а чувството е возвишено и не може да се опише со зборови посебно кога доаѓа од сограѓаните, вели д-р Влаши Хиса.
„Преку нашите избраници градоначалникот и советниците во Советот се слуша гласот на народот. Ова е признание добиено од нив и ме прави неизмерно среќна и горда , мене и моето смејство, моето одделение и тимот на гинеколошко-акушерскиот оддел. Тоа ми е дополнителен мотив, енергично и максимално да се вложам во мојата професија која ме прави среќна. Нема поубаво нешто да се слушне детски плач и да се види првата средба меѓу него и мајката“.
Напорно работев и чекорев по патот кој го имав зацртано од мали нозе да бидам гинеколог, вели д-р Мимоза Влаши Хиса. Имав преголема љубов и трпение за да успеам, не се штедев и се жртвував со напорна работа, споделува др Влаши за својот работен ангажман на одделението за гинекологија и акушерство. Мојот успех е духовна состојба не е материјална. Бев свесна дека оваа професија бара многу енергија, пожртвуваност и самоодрекување за да бидете успешни, а цената е уште поголема како жена.
„Борецот во мене ми помогна да преживеам тешки моменти, предизвици и искушенија. Многу непроспани ноќи исполнети со многу работа. Најголема цена плати моето семејство, мојот сопоруг и деца кои ја разбираа мојата работа и професија. Претежок период беше кога останавме само со 2-ца гинеколози на одделението. Мораше да се жртвувам, бев свесна ако се откажам ќе е тешко за целиот персонал, за градот. Затоа ми беше тежок период со многу непроспиени ноќи без ниеден слободен ден“.
Доктор Влаши Хиса им посакува добро здравје на сите граѓани во време на пандемија и апелира да се почитуваат меркита за заштита од ковид 19. Како гинеколог специјалист по акушерство особено е горда што во изминативе 9 месеци на нивното одделение нема нити еден заболен од медицинскиот персонал и од пациентите. Тоа се должи на добрата заштита, организираност и одговорност во работата, напоменува д-р Влаши Хиса. Посакува во следната година да се родат што повеќе новороденчиња.
„Во услови на пандемија успешно работиме. Во месец мај и септември имавме во текот на 24 часа и по 8 породувања. Имаме пациентки од целиот регион, од Струга, Дебар, Ресен, Кичево и од соседна Албанија кои ги користат нашите услуги“.
Д-р Мимоза Влаши Хиса е родена во Велешта, Струга. Во родното место завршила основно училиште, средно училиште и висoко образование во Скопје, а специјализирала на Гинеколошката клиника во Скопје. Учествувала на бројни меѓународни и домашни конгреси, симпозиуми, работилници. Завршила едукации за 4 D ултрa звук и лапараскопска хирургија во Турција и Словенија. Од 2003 година е вработена на одделението за гинекологија и акушерство во ЈЗУ Општа болница Охрид, а од 2017 година е на раководна функција на гинекологија, акушерство и постнатално згрижување.