„Да градиш иднина дома” – четврта Конференција за младинско претприемништво во Охрид

Младински Центар Охрид на 28 октомври (среда), со почеток во 12:00 часот, ќе ја организира четвртата Конференција за младинско претприемништво под наслов „Да градиш иднина дома.” Настанот ќе се одржи во просториите на МЦО – Касарна и ќе ги обедини младите луѓе заинтересирани за претприемништво, професионален развој и можностите за градење кариера во родниот град.
Во фокусот на конференцијата ќе биде панел-дискусијата „А што ако успееш?”, на која тројца локални претприемачи ќе ги споделат своите искуства, предизвици и приказни за создавањето сопствен бизнис и професионалниот пат. На панелот ќе учествуваат Ивана Пешликовска, од IP Interior Design, Марко Трајкоски, сопственик на Pizzeria Prova, и Филип Малезанов, изработувач на сребрен накит со традиционалната филигранска техника, од Малезан Филигран. Разговорот ќе го модерира Јован Цветкоски.

Преку личните приказни на панелистите, младите ќе имаат можност одблизу да се запознаат со реалноста на претприемачкиот пат – од првичната идеја и преземањето ризик, до истрајноста, вложувањето и предизвиците со кои се соочува секој што одлучува да изгради нешто свое.
По панел-дискусијата, предвидена е и информативна работилница за вработливост, во соработка со Бирото за вработување, насочена кон практични информации за можностите за вработување, услугите и поддршката што им се достапни на младите при нивното вклучување на пазарот на трудот.
Конференцијата е наменета за средношколци, студенти и млади лица кои се во потрага по работа или размислуваат за започнување сопствен бизнис.
Со оваа конференција, Младински Центар Охрид продолжува да создава простор за размена на искуства, поврзување на младите со локалната бизнис-заедница и отворање разговор за можностите што постојат за професионална реализација во Охрид.




