Skip to main content

„Да градиш иднина дома“ – охридски претприемачи ги инспирираат младите да започнат сопствен бизнис

Четврта година по ред, конференцијата ги поврзува младите со охридски претприемачи кои одлучиле да започнат нешто свое. Преку разговори лице в лице, младите имаат можност да слушнат не само за резултатите, туку и за предизвиците, тешкотиите и грешките на патот до успехот. Целта е да се поттикне претприемачкиот дух и да се покаже дека можности за професионална реализација постојат и во родниот град.
 |  инфодеск  | 

Сопствен бизнис, професионален развој и можност за успех во родниот град. Како се гради претприемачка приказна, со какви предизвици се соочуваат оние што решиле да работат за себе и зошто младите не треба да се откажуваат од своите идеи? Ова беа дел од темите на четвртата конференција за младинско претприемништво „Да градиш иднина дома”, во организација на Младинскиот центар Охрид. Локални претприемачи ги споделија своите искуства и испратија порака дека за успехот се потребни храброст, истрајност и љубов кон професијата.

„Целта е да ги охрабриме младите да пробаат нешто свое да направат, да размислуваат на идеи, да не се откажуваат по првиот неуспех, секако, бидејќи на крај, кога ќе го гледаме резултатот на нешто брендирано, некој бренд, лесно е да кажеме дека лесно се успева. Мислам дека е важно да ги слушнат приказните од нив, како поминале низ некои предизвици, како тоа го надминале. И на некој начин да се инспирираат, можеби некоја приказна и да размислуваат што би можеле заедно да направат. И крајната цел е да ги задржиме младите дома, нешто што многу нè погодува како охриѓани.” – изјави Јован Цветкоски, претседател на Младинскиот центар Охрид.

За пица мајсторот  Марко Трајкоски  патот до сопствениот бизнис започнал уште во тинејџерските години во Италија. Таму го учел кулинарскиот занает, а професионалното искуство го надградувал и во Венеција и Милано. Но, наместо кариерата да ја продолжи во странство, одлучил да се врати во Охрид, од каде што потекнува неговото семејство.

„Мојот занает, јас пошто сум растен во Италија, таму го учев. Страста кон кулинарството уште од мали нозе, мислам, сум ја имал, гледајќи ја како уметност. И почнав на 15-16 години таму да работам. […] После стана повеќе и од тоа, па продолжи кариерата, па отидов малце од моето мало градче, отидов по поголеми градови, како Венеција, како Милано, таму поработив малце и континуирано се растеше во кариерата. […] Еден ден дојдов на одмор во Охрид и реков: оттука биле моите предци. Кога Италијаните можат да направат и од мало село нешто врвно и да го љубат, да го почитуваат, зошто и јас, како потомок на Македонци, да не можам дома да бидам успешен?” – кажа Марко Трајковски  претприемач во угостителството.

Младите треба да имаат храброст и истрајност тогаш успехот е загарантиран. Ова е пораката од локалните претмимачи кои успеале во сопствениот град.

„Убаво е чувството кога развиваш сопствен бизнис. Не е лесно. Нормално, се соочуваш со многу предизвици и потешкотии за време на градењето на еден бизнис. Меѓутоа, сепак најдобро е да работиш за себе и чест ми е денеска што сум тука и што можам да го пренесам моето искуство на оние кои што сакаат да основаат бизнис и да ги инспирирам со мојата приказна.Мојата порака е да бидат храбри. Значи, идејата која што ја имаат за бизнис да започнат да ја реализираат, бидејќи додека не пробаат не можат да знаат дали нештото би успеало и вреди да се проба ако си има љубов кон таа професија.” – порача Ивана Пешликовска, основачка на IP Interior Design.

„На идните претприемачи би им препорачал никогаш да не бегаат од работа, да не се срамат од работа и не мора да сте бизнисмени или самовработени за да бидете горди на тоа што го работите. Секоја работа и секој труд се исплаќаат. Секое уживање се наплаќа. Исходот и времето како ќе го искористите е апсолутно на вас.” кажа Филип Малезанов.

Различни професии, различни искуства, но заедничка порака: успехот бара работа, посветеност и истрајност. Со ваквите средби, Младинскиот центар Охрид сака да ги охрабри младите да ги развиваат своите идеи, да ги препознаат можностите во локалната заедница и да размислуваат за својата иднина во родниот град.