Skip to main content

Да ја демаскираме привлечноста на електронските цигари, да ги заштитиме младите

Секој трет ученик посегнал по цигара, младите пробуваат тутун на возраст од 13 години па и помала, трендот на пушачи меѓу адолесцентите покажува пораст. Ова се само дел од податоците од истражувањето на употребата на тутун во европските земји, а во кое е вклучена и нашата држава. Посебно примамливи за младите се новите тренди тутунски производи како електронските цигари со кои започна новата ера на епидемијата на зависници од тутун. Оваа година 31 Мај, Светскиот ден за борба против пушење се одбележува со глобална кампања насочена токму кон демаскирање на привлечноста на алтернативните тутунски производи со разни вскусови, ароми и атрактивни амбалажи.
 |  Маја Савиќ  | 
young girl smokes a vape close-up on a dark background

Секој трет ученик посегнал по цигари, покажуваат податоците од истражувањето кое ги опфаќа европските земји, а во кое е вклучена и нашата држава. Употребата на цигари е широко распространета меѓу адолесцентите и тој тренд бележи постојан пораст. Бројот на активни пушачи на конвенционална цигара меѓу адолесцентите во Македонија во последните 5 години, се зголемил од 20,3% на 23,5%, додека пак во однос на електронските цигари порастот е од 23,2% на 28,8%.

Повеќе од половина од учениците сметаат дека цигарите се многу лесно достапни, а посебно примамливи за нив се новите тренди тутунски производи со кои тутунската индустрија ги таргетира токму младите, вели Д-р Даниела Чингоска – Спец. За социјална медицина и јавно здравје. Електронските цигари, вејп, загреани тутунски производи, снус и тн. се пакуваат во атрактивни амбалажи, се прават со дури 16 000 различни вкусови, се ангажираат познати личности на кои младите им се восхитуваат за да им ги презентираат како нешто кул и здрава замена за традиционалниот тутун, посочува д-р Чингоска.

„ На тоа наседнуваат нашите деца и така започнува целата таа приказна со новата ера на епидемијата на тутун. Зависноста не започнува случајно. Првото појавување на пазарот на тие електронски уреди беше како замисла за супституција на цигара во процесот на откажување, но наместо тоа пушачите стануваат двојни корисници, а за младите стануваат вовед во никотин и употреба на тутун. – вели Д-р Даниела Чингоска – Спец. За социјална медицина и јавно здравје.

Поради тоа СЗО годинава го одбелужваа Светскиот ден за борба против пушењето со темата Демаскирање на привлечноста. Атрактивните нови производи ги мамат младите да пробаат, но зависноста е брза и силна, а потоа доаѓа предизвикот за откажување од таа штетна навика, вели д-р Чингоска и потенцира дека е исклучително важно да им се помогне на сите овие млади луѓе да престанат да користат тутунски производи. Сите форми на тутун се штетни и не постои безбедно ниво на изложеност на тутун, тоа важи и за класичната цигара и за електронските, децидна е д-р Чингоска.

„ Сите тие електронски уреди за испорака на никотин коишто се промовираат од страна на тутунската индустрија како здрави и безбедни, воопшто не се ниту здрави ниту безбедни, можеби се побезбедни во однос на цигарите во однос на некои состојки кои ги има во класичната цигара , но тие електронски цигари имаат други состојки кои на друг начин го оштетуваат здравјето на населението, на корисниците и на пасивните пушачи околу нив. Имаме еден релативно краток период од 10 години во кој се употребуваат овие уреди па и сите истражувања во однос на здравствените ефекти се истражувања кои ги покажуваат краткотрајните здравствени ефекти, треба време еден животен век за да видиме што би било со долгорочните ефекти според досегашните истражувања на краткотрајните ефекти се очекува дури и полоши резултати на долг рок отколку кај конвенционалната цигара. – вели д-р Чингоска.

Родителите, наставниците, здравствените работници, медиумите, треба да работата на подигнување на свеста за здраво живеење и да прават се што е во нивна моќ да ги заштитиме децата од силното модерно влијание, но, сепак главниот штит е во рацете на креаторите на политики, вели д-р Чингоска.

„ Бројките ни покажуваат дека тутунската индустрија јасно знае што прави меѓутоа треба да се запрашаме ние што правиме по однос на ова прашање. Значи еве ова денеска што го разговараме е уште еден наш обид да го поттикнеме населението на размислување, да ја поткренеме малку свеста во однос на здрав живот, да ги поттикнеме политичарите да се заложиме за посилни политики во кои задолжително треба да биде вклучено изоставување на ароматизирање на тутунските производи. “

И покрај широкото признание дека употребата на тутун е водечка причина за смртни случаи и инвалидитет од незаразни хронични болести, како што се кардиоваскуларни болести, рак и хронични респираторни заболувања, политиките во многу земји од Европскиот регион на СЗО не се доволно силни за да го заштитат здравјето на луѓето од употребата на тутун. “ – вели д-р Чингоска.

45,4% од населението во Македонија се пушачи со што државата е високо на светската листа на земји најголеми зависници од тутун. Но она што особено загрижува е тоа што над 30 отсто од младите пушат. Светската здравствена организација го востанови 31 мај како Светскиот ден за борба против пушење уште од 1987 година и преку глобални кампањи укажува на штетните последици по здравјето од употребата на тутун во каква било форма и од пасивната изложеност на чадот од тутунските производи.